Зошто не е добро да спиете подолго за време на викенд?
Останувањето будни до доцна во ноќта и спиењето до доцните утрински часови е омилената работа за време на викендите, но тоа не е воопшто добро за здравјето, стои во резултатите од студијата на Американското друштво за истражување на сонот.
Отстапувањето од вообичаениот ритам на спиење резултира со лошо расположение и нарушено здравје, како и зголемено чувство на замор.
Во истражувањето учествувале приближно 1000 луѓе, на возраст помеѓу 22 и 60 години. Во обѕир биле земени навиките на спиење на испитаниците во текот на работната недела, нивните здравствени проблеми и евентуалната несоница.
Секој час повеќе во однос на вообичаениот ритам на спиење го зголемува ризикот од срцев удар за 11 отсто, стои во заклучокот од студијата. Исто така, лицата кои за време на викендите спијат многу повеќе во однос на деновите во неделата, се склони кон полоша здравствена состојба за 28 отсто од останатите.
“Со темелна анализа на резултатите дојдовме до заклучок дека правилниот ритам на спиење и квалитетниот сон е едноставен, ефективен и бесплатен превентивен третман за срцевите болести, но и за многу други здравствени проблеми”, вели главната авторка на студијата, Сиера Форбуш, пренесува Health.