Кои се најголемите заблуди со кои живеат пушачите?
Основните заблуди на пушачите се:
1. Дека сакаат да пушат
Кога ќе прашате пушач дали сака да ги остави цигарите, многу од нив ќе кажат дека сакаат да пушат и дека не сакаат да престанат. Вистината е спротивна. Ниту еден пушач не пуши затоа што сака! Кога ќе се сетат на својата прва цигара и првиот дим, кога се закашлувале, мора да си признаат дека не им се допаднало. Зошто продолжиле да пушат? Не затоа што тоа им се допаднало, туку поради друштвото, да бидат прифатени, не знаеле што да прават со рацете… Потоа многу брзо стануваат зависни од никотинот.
2. Дека ќе се здебелат
Би го оставиле пушењето, но се плашат дека ќе се здебелат. Вистината е дека луѓето се дебелеат од вишок на храна, а не од недостиг на цигари. Кога ќе се остави пушењето и заблудите околу тоа, цигарата не се заменува со храна, ниту со било која друга никотинска замена.
3. Дека физички се зависни и дека организмот им бара никотин
Ова е само до некаде точно. Физичката зависност од цигарите и кај најголемите пушачи трае неколку дена и се манифестира како некоја празнина, непријатност, потреба нешто да прават со рацете… Потоа повторно посегнуваат по цигарите само од психичка зависност и сознанието дека се откажале од цигарите од некоја посебна причина, поради здравјето или парите, а не дека го оставиле пушењето затоа што е тоа нивен непријател.
4. Дека повеќе нема да пијат кафе, да уживаат во храната и пиењето
Многу пушачи почнале да пијат кафе кога пропушеле и често нераскинливо ги поврзувале тие две активности. Кога престануваат да пушат почнуваат да уживаат во вистинскиот вкус на кафето, а почнуваат да разликуваат и добро кафе од лошо. Истото ќе се случи и со храна и со пиење.
5. Дека цигарите ги смируваат
Пушачите се толку сигурни дека цигарите ги смируваат, па дури со тоа ги убедуваат и непушачите. Заблуда е дека цигарата смирува. Таа потекнува од тоа што сме многу нервозни кога сме без цигари, а потоа делумно се смируваме кога палиме цигара. Но, примарната причина на нашата нервоза останува. Всушност смирува длабокото вдишување и издишување на воздухот. Кога при секој стрес длабоко би дишеле, би ни било полесно без цигарите.
6. Дека повеќе нема да се дружат со пушачи
Некои поранешни пушачи кога ќе ги остават цигарите почнуваат да избегнуваат други пушачи за да не паднат во искушение повторно да запалат. Суштината е во тоа да сфатат дека цигарата за нив е голем непријател и дека не сакаат повторно да пушат.
7. Дека можат само да го намалат бројот на испушените цигари дневно
Прашајте пушачи кои пушеле по две пакувања дневно дали успеале да ги намалат? Ако успеале, тоа било со краток век. Да можеле да го контролираат бројот на испушени цигари, никогаш не би пропушеле. Многу е лесно да се престане, но невозможно е да се контролира пушењето.
8. Дека лесно ќе ги остават цигарите само кога ако се одлучат
Прашајте пушачи кои мислеле дека можат да ги остават цигарите само ако се одлучат, колку пати се враќале на цигарите? Ова е најголема заблуда на тие кои пушат повремено или привремено, тие кои пушат само со кафе, а не кажуваат дека пијат 10 кафиња на ден, тие кои пушат само кога ќе излезат, а не кажуваат дека тоа се четири дена неделно по две пакла цигари, тие кои пушат само со пијалок на некој натпревар, но не кажуваат дека тоа е многу често. Тие најтешко се одвикнуваат, бидејќи се лажат дека не се зависни и дека можат да престанат кога сакаат.