Повеќе родени и умрени во градовите, подолговечни во селата

Во  Македонија лани се евидентирани 13.536 живородени деца во градските средини или 58,8 проценти од вкупниот број. Во селските средини се регистрирани 9.466 живородени деца, објави Државниот завод за статистика на Република Македонија (МАКСТАТ).

Најголемо учество во однос на вкупниот број раѓања, по региони, има Скопскиот со 36,8 проценти, а најмало Источниот регион со 6,7 проценти.

Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во градските подрачја изнесува 29,5 години наспроти 27,9 години во селските подрачја. Просечната возраст кај првите раѓања во градските подрачја изнесува 28,1 години, а во селските 25,6 години. При првото раѓање, за 2,6 години е помлада мајката од селските подрачја.

Статистичките податоци покажуваат дека лани во градските подрачја починале 12.438 лица или 60,9 проценти наспроти 7.983 умрени лица или 39,1 процент во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупнот број умрени лица, по региони, има Скопскиот со 29,3 проценти, а најмало Североисточниот регион со 8,1 процент. Во градските подрачја имало 153 умрени доенчиња, а во селските 120.

Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја изнесува 72,1 години наспроти 72,8 години во селските или поголема старост имаат лицата умрени во селските подрачја.

Учеството во природниот прираст на населението од градските подрачја изнесува 42,5 проценти, а 57,5 проценти од селските подрачја. Во три региони има појава на негативен природен прираст, и тоа во: Пелагонискиот, Источниот и во Вардарскиот регион.

Податоците за внатрешните миграции, во рамки на истиот регион, покажуваат дека најголемо учество од 35 проценти имаат преселбите од село во град.

Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот регион со 46,8 проценти, а во Полошкиот регион најголемо е учеството на меѓуселските преселби со 58,3 проценти. Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот регион, а најмало во Полошкиот регион

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.