Подобар воздух за подобро дишење – Светски ден за борба против астма

Светскиoт ден за борба против астмата се обележува на 02 мај 2017 година под мотото – Подобар воздух за подобро дишење. Целта на обележувањето на овој ден е да се запознае јавноста и да се зголеми свесноста за Астмата како еден од најголемите светски здравствени проблеми. Денот се обележува на повеке начини, со организирање на стручни состаноци, едукативни работилници за пациентите и пошироката јавност, вклучување на медиумите како средства за масивно информирање да ја пренесат пораката дека Астмата може да се контролира.

Астмата е хронична опструктивна болест на дишните патишта, се одликува со нарушен проток на воздух и зголемена реактивност на дишните патишта кон иританси од надворешната средина- тригери. Причините не се докрај разјаснети, но познато е дека влијаат генетската предиспозиција во комбинација со факторите од животната средина- изложеност на алергени (мувла, полен, алергени во храна), иританси (прашина, чад од цигари,хемиски иританси, загаден воздух), физички напор, лекови, ладен воздух, емоции. Оттука како причина се наметнува се позагадениот воздух, особено во урбаните средини. Превентивно би можело да се делува со подигнување на еколошката свест.

Најчести симптоми кај пациентите се отежнато дишење, кашлица, свирење во градите- визинг, стегање во градите. Карактеристична кај болните од Астма е реверзибилноста и варијабилноста на овие симптоми, тие може да имаат повремени епизоди на гушење и визинг, и периоди на нормално дишење. Типично е влошување на симптомите ноќе или рано наутро, или после физичка активност.  Засегнати се сите возрасни категории, статистички до 21% од возрасните и до 20% од децата имаат најмалку една епизода на визинг годишно. Астмата е најчестата хронична болест кај децата и најчеста причина за отсуства од училиште, хоспитализација и сл.

Од Астма боледуваат над 330 милиони луге, а се очекува бројот  да порасне за уште 100 милиони  до 2025 година.  Заболувањето причинува сериозно нарушување на квалитетот на живот на пациентите и претставува голем социоекономски проблем кој повлекува бројни отсуства од работа и финансиски  последици. Во Македонија бројот на заболени се проценува на 80-100 илјади. Нашите пациенти имаат можност за навремена дијагноза, достапност до најсовремена редовна терапија, што е од  суштинско значење за болеста да биде добро контролирана, да нема егзацербации, да нема потреба од хоспитализации. Податоците од Клиниката за пулмологија покажуваат дека се зголемува бројот на новодијагностицирани и амбулантски лекувани болни, но не е зголемен бројот на болнички лекувани пациенти од ова заболување.

Исто така се посветува големо внимание на едукација на пациентите за самостојно следење и правилна употреба на лековите.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.