Заблуди кај родителите околу настинките на децата!
1. Настинката не е вирусна болест, се појавува од провев или студен воздух.
Ова е една од најраспространетите заблуди!
Настинката е вирусна болест! Постои многубројна група од респираторни вируси што предизвикуваат настинка (токму така и се викаат – вирусни настинки) и се широко распространети. Тие ги напаѓаат горните дишни патишта – пред сè носот, и затоа децата киваат, носот им е растечен, а понекогаш и кашлаат.
Провевот не може да предизвика настинка, но студениот воздух е погоден за ширењето на овие вируси, па затоа овие инфекции главно се случуваат во текот на есента или зимата, особено кога ќе дојде до нагли временски промени. Лесно се пренесуваат преку кивање и кашлање, но и преку директен контакт со болното дете. А најчесто ако не се мијат редовно рацете. Имено, и настинката е болест на валканите раце.
2. Штом нема покачена температура, сигурно е во прашање обична настинка… нема врска со вируси.
Тоа што детето нема покачена температура, а кива, поткашлува и има затнат нос не е доказ дека нема вирус. Напротив, има. Тој е предизвикувач на тегоби, но имунолошкиот систем на детето ја ограничил инфекцијата на горните дишни патишта, па затоа нема проширување, а со тоа ни покачена температура. Исто така, треба да разликувате алергиска реакција на полен од настинка.
3. Кога детето неколку пати ќе настине, останува заштитено, па повеќе нема простор за страв од нови проблеми.
За жал, ова не е точно.
Постојат над 200 вида вируси што предизвикуваат настинка. Симптомите што ги предизвикуваат се многу слични, речиси исти. Сепак, детето не стекнува имунитет на други вируси, туку само на оној вид вирус што ги предизвикал тегобите. Тоа значи дека нема вкрстен имунитет, па следниот вид вирус може да направи слични пречки кај детето. Поради тоа што бројот на вируси е огромен, тешко е детето да се имунизира на сè – затоа што настинките се многу чести.
4. Невозможно е настинката да трае подолго од неколку дена, тогаш сигурно е во прашање нешто посериозно.
Точно е дека настинката не трае подолго од неколку дена (кога зборуваме за вообичаено здрави деца), но неретко се случува детето да влезе во „сериска инфекција“. Тоа значи дека ќе преброди еден вирус, па ќе „закачи“ друг, и трет итн… така што тоа може да потрае неколку недели. Со тоа што симптомите се многу слични, изгледа како детето постојано да е болно од исти „сериозни“ болести. Обично станува збор за низа релативно безопасни настинки, а доброто расположение на детето, отсуството на покачена температура и добриот апетит покажуваат дека не станува збор за некој тежок здравствен проблем.
5. Настинката никогаш не предизвикува компликации.
Не е сосема така.
Настинката не е „баук“, но ако не му се помогне на детето, може да се појават компликации. На пример, доколку на детето не му обезбедиме прооден нос (прочистување со физиолошки раствор, понекогаш со помош на капки за нос), може да дојде до воспаление на средното уво. Сепак, настинката речиси секогаш е безопасна, а ако мајките и татковците само малку му потпомогнат на детето, тоа брзо ќе оздрави.
6. Штом се појави жолт или зелен исцедок од носот, тоа е знак на бактериска инфекција. Затоа, „удри“ на антибиотици!
Целосно погрешно!
Мнозинството настинати деца навистина имаат бистар секрет од носот во текот на настинката, но лесно може да се случи тој да се замати – да се обои во жолто или зелено. Тоа не е причина за давање антибиотици бидејќи станува збор за целосно безопасни бактерии (наречени сапрофитни), кои живеат нормално и „работат“ во носот. Тие добиле подарок-оброк во вид на секрет, настанат поради вирусна инфекција, што го заматил секретот. Не се лекува со антибиотици, а дури и ако антибиотикот непотребно се вклучи во терапијата – не може преку крвта да стигне до овие бактерии, кои се наоѓаат на самата површина на носната слузница (далеку од крвните садови што го пренесуваат антибиотикот).
Од друга страна, има и вируси што создаваат жолт или зелен секрет од носот, а антибиотиците ни тука не помагаат бидејќи не дејствуваат на вируси. Бидејќи антибиотиците имаат несакано дејство, зошто тогаш „да се пука во празно“?
7. Кога детето ќе почне да кашла – итно да се оди на доктор. Можеби е бронхитис или воспаление на белите дробови.
Овој е непотребен страв бидејќи кашлицата може да се јави како резултат на слевање на секретот низ грлото и негово надразнување. Затоа, ако детето почне да поткашлува, особено ако кашлицата се засилува кога детето е во лежечка положба, а нема температура и е добро расположено – нема потреба да се трча на доктор. Треба носот да се исчисти, евентуално со некој сируп на база на билки кои ја намалуваат дразбата на кашлицата и да се почека детето да заздрави.
Доколку детето има напади на кашлица, дише отежнато или се појави покачена температура – тогаш треба да се обратите кај педијатар, но не треба веднаш да помислувате на бронхитис или воспаление на белите дробови.
8. Настинатото дете не смее да оди во градинка, иако нема температура. Најдобро е да биде дома барем седум дена.
Настинката никако не се смета за сериозна болест. Кај големото мнозинство деца таа е безопасна и минлива болест на горните дишни патишта. Кога детето е во добра општа состојба (расположено е, убаво јаде, во него има живост), нема покачена температура, а има само растечен нос и повремено кива – нема причина да му забранувате да биде во друштво на други деца. Во есенските и зимските месеци настинката во градинките може да се смета за вообичаена ситуација, па размената на овие безопасни вируси е редовна појава.
Се разбира, ако детето има каков било знак на сериозна вирусна инфекција (покачена температура, напади на кашлица…), мора привремено да се „исклучи“ од групата! Тоа е во интерес на болното дете, кое може да добие дополнителен вирус, но исто така е во интерес и на здравите деца – кои на тој начин се чуваат од инфекции.
(Fakulteti.mk)