За два дена четири бебиња починале на Клиниката за гинекологија!
Уште едно новороденче починало на скопска гинекологија, објави Сител. Било родено предвреме во 25-тата недела. По тројката ова е четвртти смртен случај во два дена. Лекарски извори за телевизијата коментираат дека состојбата на Клиниката подолго време е алармантна.
По две новороденчиња биле сместени во еден инкубатор. Наместо 22 на одделот за интензивна нега имало 55 предвремено родени бебиња.
Капацитетот е исполнет повеќе од двојно зошто интензивната на Детска клиника се реновира околу една година и таму во функција се само 6 инкубатори.
Од гинекологија потврдија дека работат во вакви услови и посочија дека претходното раководство знаело за малиот број инкубатори и дека бројот на недоносените деца секогаш биле двојно повеќе, но ништо не превзеле.
Покрај опремата за ризични новороденчиња проблем е и недостигот на кадар. Имаат само девет педијатри на 6000 породувања годишно и овие лекари дежурале секоја втора вечер.
– Според информации на Сител само последната година од Клиниката за гинекологија да работат на друго место си заминале 9 искусни специјалисти. Гинеколози, педијатри и тројца анестезиолози, кадар кој е дефицитарен не само во оваа здравствена установа туку и во сите јавни здравствени установи во државата.
Од министерството за здравство изјавија дека прават анализи, но без конкретен одговор кои итни мерки ќе се превземат да се подобри состојбата на гинекологија со кадар и опрема за да се намали смртноста на новороденчињата.
– Министерството за здравство спроведува темелна анализа за потребите на јавните здравствени установи за зајакнување од аспект на кадар, нова опрема, и сл. Главниот фокус е токму на унапредување на гинекологија и неонатологија, со цел долгорочно да се надмине проблемот со недостиг на доктори во овие специјалности, како на Клиниката за гинекологија како врвна терциерна установа, така и во родилиштата низ државата, со што овие здравствени услуги ќе се доближат до мајките и новороденчињата според местото на живеење. стои во писмениот одговор од МЗ.
Претходно од ресорното министерство преку соопштение информираа дека Таравари денеска се сретнал со директорката на гинекологија за да се информира за починатата тројка. Случајот го испитува и комисија од министерството за здравство.
Додека се чека комплетниот извештај од стручниот надзор од гинекологија информираат дека првите анализи кај едно од трите починати новороденчиња покажале вродена тешка инфекција.