Во канцеларијата имате повеќе бактерии отколку во ВЦ-то
Истражување спроведено од Initial Washroom Hygiene опфати целосна анализа на кујнски прибор, храна и канцелариски материјал за да утврди колку бактерии има на секој од нив.
Просечното бактериолошко читање на ќесичка со инстант чај на работно место најде 3.785 единици, додека на WC-шолјата имаше само 220 единици.
И останатите кујнски предмети беа високо на ранкингот на „населеност“ со бактерии. Ѓезвињата во просек имаат околу 2.500 единици, 1.746 во просек на користена шолја за кафе и околу 1.600 единици во просек се наоѓаат на рачката од фрижидерот.
Ова најмногу се должи на нередовното миење раце, кое придонесува бактериите да се шират насекаде низ канцелариските простории.
„Ако помислите на бројот на раце кои дневно ја допираат рачката на ѓезвето, па рачката на фрижидерот и потоа шолјата за кафе, лесно е да се забележи како се шират грипови и болести на работното место“, вели доктор Питер Берат од IWH.
За време на зимскиот период претпазливоста треба да ви биде на уште повисоко ниво, затоа што надвор демнат секакви преносливи грипови. Затоа, секогаш мијте ги рацете редовно, користете антибактериски сапуни и течности и внимавајте со користењето на шолјите за кафе или чај, односно секогаш користете ја вашата.