Санте Плус немале анестезиолошки апарат и адреналин за да ја спасат родилката од Кичево!?
Немањето анестезиолошки апарат кој покажува како е поставен тубусот и терапија која е неопходна за итни состојби, неофицијално, според информации на Сител се само дел од причините Министерството за здравство да и ја одземе дозволата за работа на приватната болница Санте Плус, каде за време на царски рез почина родилката од Кичево. Како што дознаваме, кога состојбата со пациентката се искомплицирала, болницата барала помош од други приватни здравствени установи. Надлежните и денеска не кажаа кои сериозни неправилности ги открил Државниот санитарен и здравствен инспекторат бидејќи тие извештаи биле дел од истрагата на ОЈО.
– Врз основа на инспекцискиот надзор увидовме одредени недостатоци и врз основа на тие наоди и консултација со правната служба донесовме заклучок дека дозволата треба да се одземе. И извештајот на Комисијата и обдукцискиот наод се доставени до ОЈо и се предмет на истрага и затоа не би ги коментирал, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Родилката починала во приватната болница а обвинителството ќе треба да даде одговор дали има вистина во шпекулациите дека поради времето кога настапила смртта, пациентката била однесена на КАРИЛ од споредниот а не од главниот влез. Санте Плус има право на жалба на одлуката а од вчера попладне не смее да прима пациенти.
-По одлуката, специјална комисија од ДСЗИ беше во болницата за да обезбеди лесен трансвер на сите пациенти на Клиниката за гинекологија и тоа е направено, вели Филипче.
Анестезиологот од КАРИЛ кој незаконски бил на породувањето во Санте Плус и имал само едногодишно искуство како специјалист, веќе доби отказ од работа. Обвинителството по добивање на обдукцискиот наод се уште прибира дополнителни информации за случајот. Неофицијално родилката починала од задуѓување откако тубусот наместо во душникот завршил во хранопороводникот.
Инаку, ова е прв пат во македонското здравство да биде одземена дозвола за работа на болница.