Околу 700 деца на листа за чекање за прием во градинка во Куманово!

Над 1900 деца се згрижени во кумановската градинка „Ангел Шајче“. Уписите започнаа, родителите брзаат да ги запишат децата во еден од седумтте објекти во јавната општинска установа. Последниве десетина години, Советот на општина Куманово, континуирано носи одлуки со кои и се дозволува на градинката да  запише поголем број деца во однос на расположливиот капацитет. Родителите кои сакаат нивните деца да бидат згрижени во установата од 1 септември, ќе мора да ги достават барањата до 10 јуни годинава. Комисија ќе ги разгледува пријавите, вклучително и оние кои досега биле одбиени. На последната седница, советниците едногласно подржаа одлука да отпочне со работа реконструираниот објект „Детелинка“.

– Околу 700 деца чекаат за прием во градинката. Очекуваме голем број нови пријави, сите нема да можат да бидат згрижени во установата. Што се однесува до новиот објект, децата веќе се примени, изјави директорката на градинката, Марина Алексовска.

Борбата на установата за отварање нови објекти и проширување на капацитетите на постоечките трае со години наназад. Куманово е еден од ретките градови со природен прираст и имаше потреба од изградба на нови и реконструирани објекти за згрижување на децата. Во изминативе две години беа отворени и два центри за ран детски развој, едниот лоциран во основното училиште „11 Октомври“, вториот во населбата „Иго Тричковиќ“, кои опфаќаат деца од три до шест годишна возраст.

Родителите инсистираа, но и локалните институции, што беше клучно пред неколку години централната власт да донесе одлука да се реконструира постоечки објект поранешниот „Пионерски дом“ и да се адпатира во нов објект „Детелинка“ кој според надлежните од Министерството за труд и социјална политика ќе има капцитет за прием на 70-тина деца.

Објектот е веќе реконструиран и децата ќе можат наскоро да бидат згрижени. Од МТСП информираа дека објектот ќе биде наменет за деца од  девет месеци од шестгодишна возраст односно до вклучување во основно образование, согласно  Законот за заштита на децата.  Поранешниот „Пионерски дом“ се наоѓа на улицата „Кирил и Методиј“ зафаќа нето корисна површина од 347,47 м2 и е од цврста градба. Располага со влезен хол, ходник, три занимални, кујна, санитарна просторија за деца, санитарна просторија за деца и возрасни, перална и други пропратни простории.

– За реконструкција, Министерството за труд и социјална политика во рамките на својот буџет издвои 3.789, милиони денари за изведување на градежно-занаетчиски работи и 1,5 милиони денари за опремување на просторот. Средствата за вршење на дејноста на објектот „Детелинка“, Oпштина Куманово ќе ги обезбедуваат преку  Jавната општинска установа за деца – Детска градинка „Ангел Шајче“ Куманово – Oпштина Куманово,  односно од Буџетот на Република Македонија преку блок дотации, од надоместокот на корисниците на услугата, донации и други извори на финансирање согласно закон, соопштија од МТСП.

Бројката од 70 деца не е голема, но е за поздравување сметаат одговорните од градинката и ќе придонесе да се зголеми опфатот на деца во предучилишна установа, со што ќе им се даде еднаква можност за напредок во понатамошното образование на сите деца, но и ќе се зголемат можностите и потенцијалот за развој на државата. Ова го најави и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на прославата на 60 годишниот јубилеј на кумановската градинка.

– Сакам да ја потенцирам заложбата на Владата за развој и детска заштита за отварање детски градинки во рурални средини, како што беше примерот во Старо Нагоричане, рече министерката Царовска.

Градинката во Старо Нагоричане беше пуштена во употреба пред два месеци и е прва установа за згрижување деца во оваа рурална општина. Во наредниот период планирано е да се зголеми опфатот на деца за 50 проценти во однос на сегашниот, што е заложба во однос на детската заштита.

Надлежните сметаат дека значајно е инвестирањето во развојот на децата, неговото постојано унапредување и надградување, бидејќи со тоа се овозможува и развој на децата кои се идни градители на развојот на државата.

МИА

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.