Креми за сончање за работниците, капи, лесна облека, 2 литри вода….

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) поради енормно високите температури и можноста за топлотен бран, повикува да се почитуваат мерките за заштита и доследно да се применуваат од страна на работодавачите и институциите.

– Се препорачува од работни обврски следните три дена, петок, сабота и недела, да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица над 60 години, работодавачите да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено од 11 – 17 часот, да не се одржуваат спортски активности на отворено од 11-17 часот, а установите за згрижување да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност, потсетува ССМ.

Воедно нагласува дека во вакви услови, работодавачот е законски должен да обезбеди соодветни услови кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците. Прекршувањата, пак, на препораките од страна на работодавачите може да се пријавуваат и кај дежурниот инспектор кој ги координира екипите низ државата на телефонскиот број 075 402 856.

– Доктор специјалист по медицина на труд треба да ги има предвид работните места со ризик од изложеност на високи температури: работни места на отворен простор (градежни работници, земјоделци, градинари, работници во сообраќај, работници кои изведуваат теренска работа, продавачи на отворени пазари, пожарникари, полицајци, војници,…) и работни места во затворен простор (неклиматизирани и места со експозиција на високи температури и топлинско зрачење), наведува ССМ.

Според ССМ, сите работници кои работат во услови на изложеност на високи температури, се изложени на топлински стрес. Работодавачот не може да влијае на надворешните фактори како што се соларно зрачење, температура и влажност на воздухот, но може со соодветна примена на правилата на заштита при работа, во голема мерка да го избегне или намали ризикот од топлинскиот стрес.

Во услови на топлотни бранови, дополнува Сојузот, доктор специјалист по медицина на трудот, покрај редовните превентивни медицински прегледи, може да спроведе и вонредни прегледи на вулнерабилни групи работници со понапредната возраст, со зголемена телесна тежина, бремени работнички и хронично болни (кардиоваскуларни, метаболни, респираторни, бубрежни, хепатални, гастроинтестинални и ЦНС заболувања).

– Индивидуални совети, едукативен пристап и препораки се неопходни, како и консултации со матичен лекар во врска со препорачаната терапија и евентуален предлог за боледување. Заедничката акција се остварува преку соработка на специјалистот по медицина на трудот, работодавачот и работниците, истакнува ССМ.

Сојузот на синдикати изнесува препораки и до вработените и до работодавачите, како и прва помош на работното место.

На работодавачите им сугерира техничко-технолошки колективни мерки за заштита (адекватна вентилација и по можност климатизација), контролирање на микроклиматските параметри, обезбедување минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“ каде вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата, промени во организацијата на работниот процес (работа во смени, ротација на работниците), избегнување работа на отворено за време на најтоплиот период, од 11-17 часот, или нејзино редуцирање,…, додека на вработените пиење течности и два литра вода минимум дневно, правилен режим на исхрана со доволно минерали, белковини, витамини, повеќе овошје, зеленчук, лесен оброк пред работа, дополнителен оброк во текот на работата, најобилен и енергетски најсилен оброк по завршената работа, намален интензитет на физичките активности, туширање и разладување,… При работа на отворено и изложеност на сончеви зраци, ССМ порачува да се користат креми за сончање со заштитен фактор, лесна работна облека, очила и капи,.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.