Грипот во зимски период и како да се заштитите од него!
Причинител на заболувањето?
Постојат повеќе типови на вируси на инфлуенца (тип А, Б и Ц), но од интерес за човекот се вирусите на инфлуенца од тип А и Б, бидејќи тие предизвикуваат заболување во хуманата популација.
Како се пренесува?
Грипот е заразно заболување кое се шири директно од човек на човек, главно преку ситните капки кои ги исфрла заразениот човек при кашлање и кивање, или индиректно преку контакт со респираторни секрети (течности) од заболен човек со кои се загадени неговите раце или околните површини кои ги допирал, или предмети со кои се служел.
Симптомите на заболувањето се јавуваат 1 до 4 дена откако вирусот навлегол во телото. Најголем дел од лицата може да го пренесат вирусот на друго лице 1 ден пред да се појават симптомите и 5-7 дена откако болеста се манифестирала. Ова значи дека човек може да го пренесе вирусот пред да знае дека е инфициран.
Како се манифестира ?
Заболувањето има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа малаксаност, истоштеност, болки во мускулите и зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите и секреција од носот кашлица која најчесто е сува, непродуктивна. Секој заболен не мора да ги има сите наброени симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми (според податоци од некои студии тој процент се движи од 20-30%), или пак со благи симптоми на настинка.
Како се потврдува дијагнозата ?
За потврдување на дијагнозата на грип, со брис се зема материјал од грло и нос и се испраќа во специјализирана лабораторија, каде во доставениот примерок се докажува присуство на вирусот или негови делови. Во време кога грипот е веќе широко распространет во заедницата и има лабораториска потврда за тоа, не е неопходна лабораториска дијагноза на секој поединечен случај, туку дијагнозата се поставува врза база на клинички знаци и симптоми.
Како се лекува?
Лекувањето на грипот, исто како и на настинките е симптоматско, односно се лекуваат симптомите, а не самата болест. Се спроведува хигиено-диететски режим (мирување, земање на повеќе течности – топли напитоци, лесна исхрана, витамини и минерали), а по препорака на доктор и во зависност од тежината на болеста, може да се дадат и одредени антивирусни лекови. Антибиотска терапија се дава само во случај на секундарни бактериски инфекции кои го влошуваат текот и исходот на болеста, односно за лекување на компликациите од грипот, исклучиво по налог на доктор.
Специфични мерки на превенција – вакцинација.
Вакцината против грип е најдобра превентивна мерка, особено се препорачува за лицата постари од 65 години, лица со хронични болести и состојби на намален имунитет, како и кај децата помали од 2 години. Вакцинацијата против грип не е 100% гаранција дека вакцинираното лице нема да се разболи од грип, но дури и да добие грип, тој ќе биде во поблага форма, а ризикот од компликации значително намален. Употреба на лекови за превенција од грип или заболувања слични на грип не се препорачува.
Општи мерки на превенција.
Општите мерки за заштита од грип се мерки кои се насочени кон сите акутни респираторни заболувања и може да се од голема корист, особено ако се применуваат во текот на целиот зимски период:
• Да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура!
• Често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекционо средство!
• Да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат!
• Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи!
• Да се пијат топли напитоци (чаеви и супи), овошни цедени сокови, вода со лимон.
• Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук кои му се неопходни на организмот.
Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц (цитрони, лимони, портокали, пиперка). Доколку не се располага секогаш со свежи прехрамбени продукти, може да се користат и мултивитамински напитоци и препарати.
• Како дополнителни средства може да се користат препарати на база на прополис, ехинацеа, мед, ѓумбир, лук и сл.
• Практикување на здрав начин на живот и здрави навики, вклучително добар сон и одмор, здрава храна, одржувајте ја физичката и психичката активност, намалете го стресот. Силниот имунитет ќе ви помогне да останете здрави или полесно да се справите со грипот и заболувањата слични на грип.
Сепак, дури и да сте совршено здрави и да имате силен имунитет, може да заболите од грип или заболување слично на грип!
извор – ИЈЗ