Донација на Клиниката за детски болести – Ќе прават централен мониторинг на виталните параметри на децата
Централен мониторинг на виталните параметри кај децата ќе се прави во Одделот за интензивна нега на Универзитетската клиника за детски болести. Станува збор за донација од фондацијата „Проект Хоуп“. Мониторингот се воведува во рамки на проектот ПериМак кој го спроведува Министерството за здравство заедно со „Проект Хоуп“.
– Тоа значи дека докторите и медицинските сестри од едно место на еден монитор ќе ги следат виталните параметри на сите бебиња кои се наоѓаат во инкубаторите. На тој начин значајно се олеснува следењето и се забрзува времето за интервенција ако таа се изнуди како потреба. Ова е една метода која со години наназад се користи во многу европски развиени центри, а сега имаме можност да ја имплементираме за нашите бебиња. Ова е еден многу важен проект за нас. Досега се имплементираа значаен број нови методи, како што се катетерите со што значајно се намалија инфекциите што се јавуваа во Одделот за интензивна нега кај бебињата кои беа во инкубатори, изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој по повод донацијата ја посети Клиниката.
Посочи дека ќе се донираат и инкубатори, но ќе има и едукација на докторите во Општата болница во Куманово и Клиничката болница во Тетово, поради тоа што тие биле идентификувани како следен чекор каде треба да се зајакне секундарното ниво, за таму да се подготвуваат бебињата кои се родени како недоносени и понатаму да се транспортираат на Детската клиника.
– Специјалниот транспортен инкубатор ќе овозможи правење магнетна резонанца кај бебиња што досега не беше можност заради тоа што беше потребен посебен материјал на тие инкубатори бидејќи обични метални инкубатори не можат да влезат во системот на магнетна резонанца, додаде Филипче.
Директорката на Универзитетската Клиника за детски болести Катарина Ставриќ се заблагодари за донацијата и посочи дека со сите активности Одделот за интензивна нега станал центар на одличност во Македонија.
– Навистина го покренавме квалитетот на здравствена грижа кон новородените, прематурните и децата кои имаат потреба од интензивна нега. Понатаму се надеваме дека тоа знаење и искуство кое го добија колегите кои работат на одделот ќе можат да го споделат и со нивните колеги од другите болници низ Македонија.
Претставникот на организацијата „Проект Хоуп“, Аким Екберг рече дека во последните три години инвестирале околу 700.000 до 800.000 евра во опрема, но исто така инвестираат во обука, бидејќи едукацијата на сестрите и докторите претставува многу важен дел.
– Ја инсталиравме централната станица со што се поедноставува работата на медицинскиот кадар во клиниката. Ќе го финализираме проектот преку инсталирање на централната станицата во Чаир. Исто така ќе обезбедиме опрема во Тетово и Куманово. Се надеваме дека Министерството за здравство ќе ја преземе работата и со наша поддршка ќе продолжиме да ја остваруваме целта – подобрување на животот на трудниците, додаде Екберг.
11 деца се сместени на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката од кои поголемиот дел се предвремено родени, но има и поголеми деца и доенчиња.