Кои ризични професии во Македонија ќе имаат бенифициран стаж?
Утврдување и формирање регистар на ризични професии, ревизија на досега утврдени работни места кои влегувале во категоријата со бенифициран работен стаж, утврдување креитериуми за заштитни мерки и воведување концепт на предвремено пензионирање за овие професии најавија од Министерството за труд и социјална политика. Ќе се формира и Комисија за утврдување бенифициран стаж, која согласно законот требало да се формира уште во 2012 година. Целтa е да се заштитат правата на работниците кои согласно постојните законски решенија влегуваат во ризични професии но не можеле да си ги остварат.
– Ќе се направи регистар на ризични професии со различна оптовареност. Во него треба да се стави кои се професиите што треба да одат предвремено во пензија, а за кои професии се утврдуваат посебни мерки за заштита. Сега почнуваме со вистинска подготовка Македонија да може да утврди ризични професии и систем на предвремено пензионирање со што ќе им вратиме дел од правата на работниците коишто и досега биле во овие ризични професии, но не можеле да си ги остварат, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната средба со новинари.
Појасни дека новиот модел за предвремено пензионирање на професии со бенифициран стаж треба да овозможи да се надминат одредени нелогичности во постојниот систем.
Како пример го посочи пензионирањето на рударите по законската измена во 2007 година со која се одзело правото на одење во пензија со стаж – 40 години за мажи 35 за жени, по што сега на рударите им се дава можност да одат во пензија со 54 години, но, како што рече, само доколку 30 години остваруваат стаж на исто работно место со ист бенифициран стаж.
Според Царовска, тоа што од 2012 година не била формирана комисијата говори за волјата да се работи на остварувањето на правата на работниците. До министерството, рече, стасувале барања со елеборати за утврдување професии со бенифициран стаж, но немало кој да ги разгледа и да донесе одлука.
– Со ова се покажува дека претходно немало волја да се разгледуваат правата на работниците во делот на бенифицираниот стаж, рече Царовска.
Во моментов во Македонија има 28.451 активни осигуреници со непрекинат бенифициран стаж, а 41.161 осигуреник кој работел на ризични места со бенифициран стаж, но со прекини.
Бенифициран стаж добиваат лица кога работодавачот ги презел сите мерки за заштита, но и покрај тоа работата предизвикува опасност по нивното здравје, како рудари, работници во топилница…, лица кои поради намалување на физиолошките функции на организмот не можат да ги извршуваат професиите, како балерини, пилоти, играчи, и инвалидни осигуреници.
Бенифициран стаж имаат одредени јавни служби, како итна медицинска помош, возачи на јавен градски превоз, нуркачи…, а со посебни закони е утврде бенифициран стаж за полицајци, припадници на АРМ и пожарникари. За градежните работници во Македонија има бенифициран стаж, но доклку работат во пробивање тунели.
Министерката Царовска посочи дека во Македонија не се почитуваат доволно мерките за заштита на работниците, за што говорат и бројот на повреди и смртни случаи. Само во 2016 година се случиле 1.486 потешки повредуи од кои 535 во преработувачката дејност, а 186 во градежништвото. Со смртни последици биле 15 случаи од кои 9 во градежништвото.