Аеродром ќе вработува дефектолози за училиштата во општината
Општина Аеродром објави оглас за вработување 10 стручни лица со професија дефектолог, психолог и педагог, кои ќе бидат ангажирани за помош на деца со посебни образовни потреби.
Станува збор за проектот „Унапредување на воспитно-образовниот процес и секојдневната грижа на децата со посебни образовни потреби, кои ги посетуваат училиштата во Општина Аеродром“ во организација на Општина Аеродром, Агенцијата за вработување и УНДП.
Целта на овој проект е да ја подобри грижата за децата со посебни образовни потреби за нивна уште поголема инклузија во образовниот процес и непречено одвивање на сите образовни активности во три основни училишта на територијата на Општина Аеродром, „Ѓорѓија Пулевски“, „Лазо Ангеловски“ и „Александар Македонски“.
Од друга страна, преку овој проект ќе им се помогне на активните баратели на работа (дефектолози, педагози, психолози и други професии од сферата на грижа на лица со посебни образовни потреби) да се стекнат со професионално работно искуство и вештини, за да станат поквалификувани и конкурентни на пазарот на трудот, со крајна цел намалување на невработеноста во општината и во државата.
Лицата што ќе бидат одбрани на конкурсот ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време од 20 работни часa неделно за период од 9 месеци.
Ангажираните лица ќе бидат задолжени за следење на учениците со посебни образовни потреби, на кои им е потребна дополнителна стручна помош за успешно адаптирање и ресоцијализација преку најразлични вежби и индивидуална работа.
Огласот трае до први до 14 август, 2018 година, а повеќе детали може да се добијат преку линкот http://aerodrom.gov.mk/vest/1934.