Немало лекарска грешка за смртта на родилката која почина во штипската болница
Нема лекарска грешка во случајот со родилката Маја Паневска од Свети Николе, која пред месец ипол почина во штипската болница.
Комисијата што ја формираше Министерството за здравство утврдила дека лекарите постапувале согласно протоколите, а Паневска на која ова и била прва бременост, починала од медицинска компликација.
По породувањето, добила крварење и и била направена хируршка интервенција. Смртта настапила 9 часа по раѓањето на здраво машко дете.
-Нема пропусти, проверени се сите медицински записи а лекарите посптапувале како што треба. Имала крварење, тоа е компликација кога и покрај се не можело да се помогне, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Семејството на Паневска, според инфорамции на Сител во петокот од министерот за здравство ќе го добијат целокупниот извештај за смртта, како што им вети Филипче по посетата на штипската болница. Исто како и кај родилката од Свети Николе, неофицијално, нема лекарски пропусти и во случајот со Елизабета Динева од Гевгелија која ја изгуби битката за живот на КАРИЛ дваесетина дена по породувањето во гевгелиската болница.
-Се уште го чекаме извештајот, може ќе потрае додека биде изготвен, вели Филипче.
Оваа година починаа четири родилки. Покрај Паневска и Динева, во февруари за време на царски рез во приватна болница животот го изгуби и 31- годишната Дебора Џамбази од Кичево, а надлежните го очекуваат и обдукцискиот наод за родилката која пред една недела почина во гинекологиоја Чаир.