Заев: Да обезбедиме средина во која нема да ги осудуваме лицата болни од ХИВ или туберкулоза!
Крајно време е да обезбедиме средина која нема да ги осудува ниту, пак, ќе ги дискриминира лицата болни од ХИВ или од туберкулоза. Само на тој начин ќе гарантираме заштита и остварување на основните човекови права. Владата на Република Македонија водена од концептот „Едно општество за сите“ вложува напори да создаде општество ослободено од предрасуди. Секој од нас е различен и посебен на свој начин. Болеста не треба да биде мерило за тоа каква е една личност.
Ова го истакна претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на отворањето на дводневниот 39. состанок на Одборот на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза кој почна денеска во Скопје.
Посочи дека присуството на повеќе делегати од сите страни на светот укажува на фактот за почит кон Владата на Република Македонија и Министерството за здравство и за успешното справување со ХИВ вирусот и со туберкулозата како два големи здравствени, но и општествени проблеми.
– Во изминативе 14 години за борба против ХИВ и туберкулоза за Република Македонија се издвоени како фонд дури 34 милиони долари. Почнувајќи од оваа година Република Македонија во целост го презеде финансирањето на проектите за борба против ХИВ и туберкулоза. За оваа намена Владата за 2018 година издвои 1,5 милиони евра или три и пол пати повеќе во споредба со минатата година, рече Заев.
Со тоа, потенцира, Република Македонија стана лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите против ХИВ и туберкулоза од страна на државата. Нагласи дека со овие средства Министерството за здравство создало услови да продолжи имплементацијата на сите превентивни програми кои во изминатите години се спроведувале токму со финансиска поддршка и помош од Глобалниот фонд.
– За одбележување е податокот дека програмите за превенција се направени и во текот на оваа година ќе се имплементираат заедно со претставници од 15 граѓански организации и организации на засегнатите групи на граѓани. Во нашиот регион се соочуваме со релативна нивна стапка на ХИВ и на туберкулоза. Токму ниската стапка на болни донекаде ни ја олеснува работата – со релативно мали инвестиции, но со фокусирани напори имаме шанса и двете болести да ги ставиме под целосна контрола, па дури и да ги искорениме, истакна Заев.
Додаде дека инвестирајќи во заштитата на долг рок ќе се спасат поголем број човечки животи. Според него, државното финансирање мора и натаму да се зголемува и на тој начин ќе гарантира долгорочна одржливост на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза и ќе опфатат поголем број на засегнати граѓани.
Министерот за здравство Венко Филипче презентирајќи дел од заклучоците кои произлегле од состанокот рече дека тој се одржал во време кога високата политичка заложба за превенција од ХИВ и туберкулоза е исклучително важна во Југоисточна Европа. Посочи дека во моментов земјите ја зголемуваат државната финансиска поддршка, додека Глобалниот фонд ги поддржува земјите со највисоки стапки на овие болести, а со помал економски капацитет.
– Бидејќи зајакнувањето на одржливоста е тековен процес, дијалогот од овој министерски состанок треба да продолжи во рамките и меѓу земјите на политичко и техничко ниво со вклучување на различни сектори, вклучително и засегнатите заедници и граѓанското општество, додаде Филипче.
Извршниот директор на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и турбекулоза, Питер Сендс рече дека Глобалниот фонд направил огромен придонес работејќи со многу партнери кога станува збор за намалување на смртноста и распространетоста на овие болести.
– Има различни причини за различните болести и не можеме да бидеме сигурни дека она што го направивме за да дојдеме до тука ќе биде истиот рецепт за да продолжиме и понатаму. Не сум сигурен дека ако правиме малку повеќе од она истото што досега го правевме, нема да ги оствари нашите цели да ставиме крај на епидемиите до 2030 година. Треба да се смениме малку, посочи Сендс.
Потенцира дека никој не може да го оспори огромниот напредок што бил остварен во однос на Сидата во голема мерка придвижен од самите земји поддржани од Глобалниот фонд и огромните напредоци и пробиви од медицинската индустрија и медицинските алатки кои можат да се користат.
Од 2004 година, нагласи, веќе за половина е намален бројот на смртни случаи, а бројот на новоинфицирани е намален од три милиони на околу два милиони годишно. Според него, треба да се зголеми напредокот во превенцијата. И покрај овие достигнувања, појасни, се уште не можеме со самодоверба да кажеме дека сме на пат да ја искорениме епидемијата.
– Македонија е пример за тоа како треба да се работи. Владата ги дава парите и работи со граѓанското општество за да стигнат до сите популации и ефикасно да ги спроведат услугите. Но, има многу случаи каде ова не се случува. Има земји кои ги имаат финансиите, но избираат или да не ги користат заради идеологија или дискриминација против засегнатите групи или ги прокоцкуваат тие средства, додаде Сендс.