Вработените на Клинички утре ќе го блокираат излезот од Комплексот како револт за зголемување на цената на паркингот

Вработените во Клиничкиот центар денеска на протест го изразија своето незадоволство поради одлуката на Советот на Град Скопје, според која, цената за месечно паркирање за вработените во Клиничкиот центар се зголемува на 800 денари. Досега тие плаќаа по 350 денари месечно и очекуваат одлуката да биде повлечена. Истакнаа дека нема да отстапат од барањата и ќе протестираат додека одлуката не биде повлечена.

– Револтот ќе го изразиме со блокирање на наплатата за излез од Клиничкиот центар и тоа секој ден од 10 до 10:30 часот. Да знаат сите дека во тој период ние ќе ја блокираме наплатата, а во знак на револт нема да ги плаќаме ни досегашните 350 денари за паркинг, рече д-р Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клиничкиот центар на денешниот протест на вработените на скопските клиники, што се одржа во кругот на центарот.

Тој посочи дека се изненадени од изјавата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов дека тие се одговорни за хаосот во кругот на Клиничкиот центар и што пациентите не можат да се паркираат во Клиничкиот центар, што, спорд нив, е неприфатливо и дека биле привилегирани со тоа што се издале од Градски паркинзи 1.500 паркинг картички, а не 670 колку што следувале и дека тоа била популистичка метода на претходната власт.

– Таа изјава е понижувачка и во делот што некои, а се мисли на нас вработените во Клиничкиот центар, ги оставале своите возила по неколку дена во рамки комплексот клиники. Не знаеме чија сопственост се тие возила. Вработените си доаѓаат на работа и по завршување на работното време си одат со своите возила. Паркинот на Клиничкиот центар е сопственост на Република Македонија, а не на Градски паркинзи Скопје. Очекуваме одлуката да се повлече, а Шилегов своите изјави да ги дава крајно внимателно. Бараме да ни се врати во сопственост паркингот, додаде д-р Беговиќ.

Ивица Апостолов, медицински техничар рече дека од нивните 350 денари месечно се инкасираат 110.000 евра годишно, а со зголемувањето на сумата ќе се зголеми на 280.000 евра годишно, а ништо не е инвестирано. – Треба добра инфраструктура и за сумата што ја плаќаат, вработените да добијат пристојно паркинг-место, а не непристапен терен секој ден, додаде Апостолов.

Советот на Град Скопје вчера усвои одлука со која цената за месечно паркирање за вработените во Клиничкиот центар се зголемува на 800 денари, додека цената за паркирање за пациентите останува иста. Според градоначалникот Петре Шилегов, со ова се врши усогласување со цените што ги плаќаат граѓаните за услугите на ЈП „Градски паркинг“, а се очекува да се регулира сообраќајниот хаос во рамки на Клиничкиот центар.

– На Клиничкиот центар заради евтин популизам се издадени 1.500 месечни карти за кои вработените плаќаат повластени 300 денари во услови кога на паркингот има 670 места. За пациентите или корисниците на услугите на ЈП „Градски паркинг“ на Клиничкиот центар цената останува иста, истакна Шилегов.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.