Трендовите во исхраната се менуваат, голем број луѓе се одлучуваат на одредени начини на хранење, некои типични за традицијата, други на работ на науката и разумот.
Факт е дека постојат повеќе поделби од само сештојади и вегетаријанци, иако овие две се најчести. Сведоци сме дека во последните години има и доста повеќе вегани.
Луѓето на промени во исхраната се одлучуваат поради најразлични причини. Едни за заштита на планетата, други за спас на животните, трети поради одредени здравствени проблеми, а ги има и оние кои го прават тоа затоа што така прават и оние околу нив.
Без разлика која и да е причината, ова се најосновните поделби врз основа на исхраната:
Омнивори – јадат сè, месо, риба, сирење, јајца, овошје, зеленчук…
Пескатаријанци – не јадат месо, туку само риба и морски плодови, а јадат и сирење и јајца
Вегетаријанци – не јадат месо, ни риба, а јадат сирење и јајца
Вегани – не јадат никаква храна од животинско потекло
Сирови вегани – јадат само жива храна од растително потекло
Фруктаријанци – се хранат само со овошки
Радикални фруктаријанци – го јадат само овошјето што паднало од дрвото
Сангејзери – пијат вода и се „хранат“ со сончева енергија
Бретаријанци – исклучуваат секаква храна и тврдат дека живеат само од светлина т.е. праната (универзален принцип на размена на сила и енергија)
Овие последните ги следи верување дека се измамници и дека во пракса всушност, се хранат, а пред јавноста прикажуваат нешто друго. Тие пак, кои го применуваат бретаријанството, сметаат дека телото може да живее синхронизирано со природната енергија. Нив ги сметаат за екстремисти кога е „исхраната“ во прашање. Точни докази за тоа дали и како преживуваат не постојат, туку само сведоштва, чија релевантност е дискутабилна.