Сметката на Гинекологија ќе биде одблокирана со аванс од Фондот!
Со аванс од Фондот за здравствено осигурување повторно ќе биде функционална сметката на Клиниката за Гинекологија која неколку денови е блокирана поради наплата на извршни судски решенија. Најголемото родилиште во земјата морало да исплати 660 000 евра на две семејства кои ја тужеле установата бидејќи нивните предвремено родени деца во 2008 година добиле оштетување на видот поради ненавремена дијагностика на ретинопатија. Министерот за здравство не појасни како установата ќе ги враќа парите и дали ќе има зголемување на буџетот на клиниката за повторно да не се соочат со истиот проблем. Според информации на Сител, уште за 4 тужби од семејства против Гинекологија во следниот период треба да стигнат извршни решенија откако ќе завршат жалбените постапки.
-Ќе се обезбеди дополнитена сума пари во форма на аванс. Таа сума ќе биде достапна за Клиниката за гинекологија во текот на денешниот ден или евентуално заради близината на празниците во текот на наредната недела во вторник. Проблемот е решен и сметката ќе биде ослободена за нормално функционирање на клиниката, изјави Венко Филипче, министер за здравство
Филипче вели дека поради неколкудневното блокирање на сметката на Гинекологија, не било загрозено работењето ниту пак платите на вработените.
-Нема никаков проблем и Клиниката нормално функционира, вели Филипче.
Против Клиниката има 12 тужби од родители чии деца родени во 2008 година добиле оштетување на видот по престојот во инкубатори. Како што велат од ГАК, во тој период во државата немало скрининг за ретинопатија