Поради недостиг на кадар гинеколозите од болниците ќе работат и како матични гинеколози
Нема кадар
Министерството за здравство веќе размислува да им се дозволи на гинеколозите кои работат во болниците да може да ординираат како матични гинеколози таму каде што има навистина голем недостиг. Таков типичен пример е градот Прилеп кој има само четири гинеколози. Двајца се веќе пред пензија и нема на повидок млад гинеколог да може да ја преземе таа работа.
Разговаравме со гинеколозите во болницата кои ќе добијат соодветен печат од Фондот да можат да ординираат како матични лекари со соодветен распоред. Во Крушево со години нема гинеколог, а има опремена ординација во здравствениот дом. Тоа веќе е во подготовка и искрено се надевам дека за нецели две недели, оваа мерка и практично ќе се имплементира – изјави Венко Филипче, министерот за здравство.
Според статистиките, во наредните пет годинии третина од гинеколозите ќе заминат во пензија, а во половина градови од државата нема гинеколози. Филипче рече дека повеќе пати било разговарано со претставници на здруженијата на гинеколози и експерти од Клиниката за гинекологија и акушерство, но и со експерти од други области.
Освен кај гинеколозите и во други области има недостиг од одредени специјалисти.
Со последната измена на законот, се дозволи посета или визита на доктор, престојување во здравствена установа во која нема специјалист кој таму работи. На тој начин дозволивме лекари на пример и од неврологија, оториноларингологија, офталмологија, да престојуваат во здравствените домови во земјава, каде што ваков доктор со години нема и жителите од тој регион се приморани да патуваат до најблискиот регионален центар или до Скопје. Тоа како мерка веќе започнува да се применува. Се направија договори помеѓу клиниките, односно болниците на секундарно ниво во Скопје и регионалните специјалистички болници со здравствените домови, врз основа на потребите – појасни тој.