МОН: Вакцините не треба да бидат услов за упис во училиште или градинка
Ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем – порачуваат од Министерството за образование.
Од таму велат дека вакцината не може да биде услов за упис во градинка и училиште. Од Кабинетот на министерката Рената Десковска со порака до здравствените власти – да најдат други механизми со кои ќе ги едуцираат родителите и ќе го зголемат опфатот на имунизација, пренесува ТВ24.
-Во Уставот на Република Македонија, е наведено дека основното образование е задолжително. Ова значи дека ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем. Потребни се мерки и кампањи од едукативен карактер за придобивките од вакцинацијата, советувања за родителите кои не ги вакцинираат своите деца, но и санкции, велат од Министерството за образование.
По ваквиот став од МОН, сега и министерот Филипче вели дека разговараат со министерствата за образование и труд и социјална политика, во која насока да се прават измени. Посочува дека родителите треба прво да се советуваат.
-Во моментот разговараме за тоа дали е потребно да се направи промена во некој дел од регулативата, секако дека ни едно дете нема да остане без образование заради тоа што тоа е задолжително и со Устав загарантирано. Сметам дека вакцинацијата може да биде индивидуален избор, но на тој начин смееме да дозволиме да го загрозиме колективниот имунитет, вели за ТВ 24 Венко Филипче – министер за здравство.
Извор: ТВ24