Лукот, освен што со своите антибактериски дејства лекува настинки и грип, тој е мошне употребувана билка во многу други здравствени ситуации.
Акни
Една од предностите на лукот е секако неговото фантастично дејство на кожата. Верувале или не, сокот од лук ги лекува акните и мозолките. Доволно е да столчите две чешниња лук и смесата да ја нанесете на воспаленото место, така што резултатот ќе биде видлив по неколку минути, а и отокот околу мозолките ќе спласне. Исто така, можете три до четири пати дневно лицето да го миете со чај од столисник, со нане или со маточина. Потоа лицето истријте го со чешне лук, па премачкајте го со свеж сок од краставица или сок од лимон.
Херпес
Вирусната инфекција на устата, на кожата или на гениталиите добро позната како herpes simplex е мошне непријатна појава. Устата ќе ја излекувате доколку на болното место ставите парче лук и го оставите да дејствува околу десетина минути. Заради ефикасни резултати постапката повторете ја петпати во текот на денот.
Покачен крвен притисок
Народен лек за покачен крвен притисок и тоа доста ефикасен чие дејство е научно потврдено е лукот.Тој како лек е доста користен не само кај нас, туку и во кинеската народна медицина. Неодамна во Германија е испитувано неговото дејство и е потврдено дека значително го намалува дијастолниот (долниот) крвен притисок кај заболените од среднотешка хипертензија. Тој ефект се постигнува со неколку чешниња лук дневно. Ефектот на лукот во текот на испитувањата станува сé поголем што укажува за неговото кумулативно дејство.
Лукот на намалувањето на крвниот притисок дејствува највеќе со својата способност да ги опушта мазните мускули на крвните садови и со тоа да ги прошири истите. Тоа дејство е последица од големата содржина аденозин, кој го има и во кромидот. И суров и варен лукот значително го намалува крвниот притисок, но свежиот лук е поефикасен.
Воспаление на ушите
Лукот помага и при лекување на воспаление на ушите, а рецептот е брз и едноставен. Во лажица со топло маслиново масло ставете столчено чешне лук и оставете го да отстои еден час. Неколку капки капнете во увото и истото повторете го двапати дневно.
Tрн под кожата
Ако ви влезе мало трнче под кожата тешко ќе го извадите, но со помош на лукот што ќе го ставите на болното место и ќе го залепите со фластер и трнот лесно ќе излезе на површината.
Ќелавост
Лукот е познат и по своето делотворно дејство врз заздравувањето на коренот на влакното. Затоа, ако косата почнува да ви паѓа неколкупати неделно истријте го темето со масло од оваа билка и со лук и оставете го да дејствува барем десет минути.
Сируп за кашлица
Лукот дејствува како антибиотик, така што може да помогне во борбата против силното кашлање. Две резанки ситно исечкан лук ставете во децилитар топла вода, оставете го да отстои неколку минути и потоа пијте го како чај.
Нега на кожата
Ацилинот е соединение кое му помага на лукот да ја омекнува кожата на лицето и да ја прави мазна. Додадете малку истолчен лук во вашата маска за лице и задржете ја неколку минути подолго од предвиденото, а потоа измијте ја со вода. Резултатот од оваа лесна постапка е чист тен и свеж изглед.
Лек против габични инфекции
Можеби не сакате вашите гениталии да мирисаат на лук, но доколку мака мачите со кандидата, која се појавува особено по употребата на јаки антибиотици, оваа билка е вистинското решение. Истолчете го лукот и со смесата натопете тампон или завиткајте парче газа. Неколку вечери по ред ставајте ги тампоните во вагината или премачкајте го пенисот во пределот на главата и габичките ќе ги снема како со „рака да се однесени“.
Симнување на сало од стомакот
Ставете на стомакот топли облоги од варен оцет, вода и лук во прав (пет грама). По 20 минути истуширајте се и намачкајте се на проблематичните места со антицелулитен крем.
Лук против целулит
Земете по 30 грама листови и пупки од бреза и од бршлен, и по 20 грама имела и лук. Прелијте го сето ова со четири литри ладна вода, поклопете го и оставете го да се загрее до вриење. По еден час процедете го и топлата облога држете ја петнаесетина минути на критичните места.
Лук против задебелување на петиците
Купката за нозе подгответе ја на следниов начин: во топла вода ставете сок од две главици лук и по десет минути нозете измијте ги со чиста вода. Доколку почувствувате печење измијте ги стапалата со уште една шојла чај од камилица.
Лук против вампири и уроци
Доколку сте поборник на нашата традиција и по малку сте суеверни, тогаш за вашиот дом вистинското решение е лукот. За да ги „разбркате злите духови“ и да ја исчистите куќата од негативна енергија доволно ќе биде на некое видно место да закачите еден-два венца со лук, а доколку се плашите ѓаволите да не ве нападнат во сон секогаш можете под перницата да ставите неколку чешниња лук завиткани во платнена вреќичка.