Едно од три деца во Македонија се соочува со емоционална негрижа
Едно од три деца во Македонија се соочува со емоционална негрижа додека половина од децата претрпуваат определен вид физичко насилство за време на детството. Овие податоци од истражувањето на Светската здравствена организација ги презентираше претставникот на УНИЦЕФ за Македонија Бенџамин Перкс при неговата денешна посета на Државниот универзитет во Тетово.
Во амфитеатарот на ДУТ тој пред академскиот кадар и студентите одржи предавање на тема „Влијанието на насилството и негативните искуства од детството на просперитетот, безбедноста и долгорочниот развој“.
– Истражувањата на СЗО за насилството врз децата се спроведени во сите земји од западниот Балкан и согласно овие податоци приближно едно од три деца претрпело определен вид физичко насилство. Во Македонија оваа бројка е поголема односно некаде едно од две деца било физички злоставувано односно има високо ниво на семејно насилство. Во рамките на овие податоци Македонија е во средината помеѓу Косово каде има помала бројка на вакви случаи и Албанија каде има повисоко ниво на семејно насилство, рече Перкс.
Тој посочи дека најважно за спречување на насилството врз децата без разлика дали станува збор за физичко насислство или емоционална запоставеност и негрижа важно е родителите да бидат информирани и запознати дека со вакво лошо влијание врз нивните деца подоцна имаа негативни последици врз нивното растење и понатамошниот живот.
– Ваквите информирања на родителите за поинаков начин на третман на децата може да се спроведуваат низ домашни посети во рамките на здравствениот или некој друг државен систем како и со вакви и слични јавни дебато за лошите последици од семејното насилство врз децата. Децата ако се сведоци на хаотична или непријатна домашна средина каде растат може потоа да имаа проблематично или негативно развивање како личности во својот понатамошен живот, изјави Перкс.
Деканот на педагошкиот факултет на ДУТ, Фесби Османи информираше дека при денешната посета на ДУТ претставникот на УНИЦЕФ за Македонија Бенџамин Перкс се сретнал и со деканите на Филозофскиот и на Правниот факултет како институции кои во соработка со УНИЦЕФ ќе спроведуваат проекти за спречување на семејното насислтво врз децата и справување со последиците од истото.