Делчевските лекари специјалисти заборавени – Работат со пациенти од четири општини а платите не им биле зголемени со години!
Специјалистите од здравствените домови бараат повисоки плати и да бидат изедначени со лекарите во општите болници. Велат дека ги заборавиле од Министерството за здравство, Владата и Фондот и ги нема во новите законски решенија. Уште пред еден месец со писмо до министерот Филипче се обратиле 11 специјалисти од Здравствен дом Делчево. Реагираат дека се исцрпени и преморени, аплицираат болничка терапија и третираат пациенти во терминална фаза, а со години не се променети финансиите што ги добиваат. Просечната старост на делчевските лекари е 60 години а преку Мој Термин ги покриваат и пациентите од Македонска Каменица, Пехчево и Берово.
Најблиската болница од нас е оддалечена 40 -100км што ја усложнува и отежнува работата, ја зголемува одговорноста, бидејки секој потежок пациент завршува кај нас, стои во реакцијата до Филипче.
Иако не им одговорил на барањето, министерот за здравство вели дека овие лекари не биле заборавени. Но им требало време како и разбирање од докторите за реализација на мерките.
….А како го планираме тоа, со дополнување на кадарот што им недостасува во тие јавни здравствени установи. А заедно со Фондот за здравствено осигурување работиме на пресметка што ќе значи во финансиска смисла за буџетот зголемувањето на платите, и во таа пресметка тие колеги не се заборавени, вели Венко Филипче, министер за здравство.
Со повисоки плати, специјалистите од здравствените домови се надеваат дека наместо да бегаат во странство младите докотири ќе бидат заинтересирани да одат на специјализација а повозрасните да продолжат со работа до 64 години.
Во Здравствениот дом во Делчево има невролог, интернист, офталмолог, психијатар, школска медицина, радиодијагностика, како и дневна болница во специјалистичките служби, Центар за дијабет и инсулинска терапија.