Дали ќе има строги контроли без примени вакцини децата да не се пуштаат во градинка или училиште?
Со построги контроли дали децата се вакцинирани за да се запишат во градинка или училиште министерството за здравство ќе го подобрува процентот на имунизацијата во земјава. Но, од друга страна и образованието во земјава е задолжително. Министерот Венко Филипче за Сител вели дека и досега потврдата за вакцинација била услов за запишување на децата во воспитно-образовниот процес.
-Тоа и досега го имаше во нашиот правилник. Сега бараме механизам како повеќе да се почитуваат законските одредби. Овој период се прават анализи. Во координација сме со министерствата за образование и труд и социјала. Што ќе одлучиме и како ќе постапуваме дополнително ќе ја информираме јавноста, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.
На ваквата намера на надлежните без потврда за вакцинација да не се пуштаат децата во градинка или училиште реагиаат активисти за правата на пациентите кои се против вакцинацијата. Сметаат дека станува збор за репресивни мерки и не им се остава на родителите да имаат право на избор со што се коси и со законот за правата на пациентите.
-Кој што налага информирана согласност пред било каква интервенција. Репресијата е ментална-психичка да се ограничи правото на детето на образопвание и економска со глоби кои се многу високи и немаат основ, изјави Дарко Ѓорѓиев, активист за правата на пациентите.
Од друга страна педијатрите се категорични дека вакцинацијата е многу важна како превенција од заразни болести.
-За да се зачува колективниот имунитет треба да имаме 95 проценти кои штитат од заразни заболувања. Доколку ги застапуваме антивакциналните кампањи кои не се базирани на докази се појавува опасност да се вратат старите болести кои се искоренети одамна и во опасност се и вакцинирани и невакцинирани деца, изјави д-р Соња Ралева, педијатар во здравствен дом Скопје.
Здравствените власти во пресрет на европаската недела на имуниозација предупредија дека поради намалениот опфат на имунизација која во Скопје и други поголеми градови е под 90 проценти земјава е во групата на високо ризични земји за ширење на заразни болести.