Како последица од зараза со вирусот на морбили на Инфективниот оддел на болницата во Нови Пазар, на југот од Србија, починала 42-годишна пациентка, откако во тој град досега се регистрирани 19 заболени, а во соседното гратче Тутин дури 83.

Меѓу претходните девет жртви две се деца помлади од пет години, како и двајца здравствени работници.

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје на Србија, од почетокот на октомври 2017 година на територијата на земјата и делот од Косово кој го покрива Заводот за јавно здравје во Косовска Митровица, регистрирани се вкупно 3.123 пациенти заразени со морбили.

Српскиот министер за здравје Златибор Лончар ги повика сограѓаните на „одговорно однесување“ и упати апел до родителите кои сѐ уште не ги вакцинирале своите деца против сипаници, тоа да го сторат што поскоро и ги повика и медиумите да земат учество во оваа кампања.

„Треба да се вакцинираат уште малку помалку од 30.000 деца, тоа е единствен начин да не умираат и да не заболуваат, и децата и возрасните, во 21от век, кога нема никакви потреби затоа што, од не знам кои причини, луѓето избегнуваат да се вакцинираат или на тоа ги повикува некој кој нема врска со медицината“, изјавил Лончар за РТС.

Епидемијата на сипаници започна на северот од Косово лани во октомври и се прошири на централниот дел на Србија, а лекарите ги повикуваат родителите да ја игнорираат кампањата против вакцинацијата.