Трудниците кои вдишуваат загаден воздух раѓаат помали деца!
Трудниците коишто во последниот месец од бременоста се изложени на висока концентрација од токсичните честички во воздухот, спаѓаат во групата жени чиишто новороденчиња при породувањето имаат помала тежина, покажа студијата за штетноста на загадениот воздух која била спроведен во текот на Олимписките игри во Пекинг одржани во 2008 година, а е објавена во списанието Environmental Health Perspectives.
Привремените прописи воведени во кинеската престолнина Пекинг за време на Олимпијадата во 2008-та имале позитивен ефект врз тежината на новороденчињата чиишто мајки во тој период биле во осмиот месец од бременоста. Побавниот раст на фетусот тесно е поврзан со престојувањето или живеењето во многу фреквентни области во коишто воздухот е многу загаден. Претходните истражувања покажаа дека загадувањето го намалува количеството на кислород и на хранливи материи коишто фетусот ги добива во текот на неговото развивање во матката, како и дека штетно влијае врз активноста на клетките.
Резултатите од истражувањето се важни, бидејќи научниците од универзитетот Рочестер во Њујорк, првпат прецизно утврдиле какво е влијанието на загадениот воздух врз развојот на плодот во мајчината утроба во точно одреден период. Истовремено укажуваат и на важноста од вдишувањето чист воздух во текот на последниот месец од бременоста во кој фетусот најбрзо се развива.
И покрај тоа што Пекинг е извикан по многу големото загадување на воздухот, ниту многу европски градови не се во подобра положба. Истражувањето спроведено во кинеската престолнина е резултат на анализата којашто се темели на речиси 84.000 породувања на трудници кои живееле во неговите урбани делови за време и по одржувањето на Олимпијадата 2008-та, а во тој период биле во осмиот месец од бременоста. Нивните новороденчиња тежеле просечно 23 грама повеќе од бебињата родени во текот на 2007 и во 2009 година, кога градските власти не донесоа рестрикции на сообраќајот со цел да се подобри квалитетот на воздухот во Пекинг.
– Резултатите од студијата покажуваат многу јасна поврзаност меѓу промените во концентрацијата на штетните честички во воздухот кој се вдишува и породилната тежина на новороденчето. Тие не илустрираат само една од значајните последици од загадувањето врз здравјето на поединецот, туку укажуваат и на тоа дека овој феномен може да се спречи. Дури и кусиот период на контрола на квалитетот на воздухот може да има извонредно позитивно влијание и ефект врз здравјето на секоја единка“, истакнува во студијата др Дејвид Рич, епидемиолог од универзитетот Рочестер кој го водел истражувањето.