Дваесет деца со проблеми со растот ќе останат без терапија!
Дваесет деца со проблеми со растот ќе останат без терапија. Набавката на неопходниот хормон е заглавена во тендерските процедури на Клиниката за детски болести, посочија од здружението на граѓани “Раст”. Според нивните информации овие деца околу 2 месеци ќе бидат без хормонска терапија зошто толку време е потребно за целата постапка за тендерот.
-Мора да се најде начин лекувањето да не зависи од тендери, изјави Александар Петровски, Здружение Раст.
Заменик министерот за здравство наместо ургентно решение за проблемот на 20-те деца со нисок раст, најави дека догодина ќе побарале повеќе пари во буџетот за хормонска терапија.
-Околу набавката ќе се погрижиме наредната година да обезбедиме повеќе средства во буџетот. И не сакам да правиме дискриминација едни деца да добиваат терапија, други не, изјави д-р Гоце Чакаровски, заменик министер за здравство.
Инаку 20-те деца кои ќе останат без потребниот хормон се меѓу 100-тината со низок раст кои се ставени на листа да добиваат хормонска терапија на Детската клиника на товар на државата, но од “Раст” посочуваат дека потреба од вакви хормони имаат уште двојно повеќе деца. Тие чекаат да се ослободи место за да дојдат на ред за лекување. Од здружението бараат да се направи национален регистар и ниту еден пациент да не остане без потребните хормони. Подигнувањето на терапијата да биде за три месеци, а набавката на истата да не зависи од тендери.