Крв може да си дарувате и за себе – Ќе си помогнете при операции

Секој може да дарува крв за себе, а кога ќе му биде неопходно при ортопедски, неврохирушки операции, па дури и при кардиохирушки операции, ќе може да ја прими, бидејќи сопствената крв е најкомпатибилна. Станува збор за автологно дарување крв, кое е неопходно да заживее во Македонија.

За ваквото крводарување граѓаните и медицинските работници не се доволно информирани, истакна раководителот на Одделението за прибирање крв во Институтот за трансфузиона медицина на Република Македонија, Миленка Благоевска.

Со автологното дарување крв може да се спречи пренос на причинителите на заразни болести и други имунолошки послетрансфузиски реакции, тоа може да помогне при лекување болни кои од религиски или други причини не сакаат да им биде дарувана крв од друг човек, може да придонесе за намалување на проблемите при лекување болни со ретки крвни групи и при повремен недостиг од крв.

Доктор Благоевска посочи дека за неитни интервенции на колк, колено, рбет, тумор, хемоглобинот не мора да биде 125 за жени или 135 за мажи, тој може да биде и 110, односно може да се биде лесно анемичен, а сам за себе да се дарува крв.

– Се дарува крв, потоа повторно се дарува за недела или за две, а последното дарување треба да биде една недела пред закажаната интервенција. Значи, ние мора да знаеме кога е интервенцијата. Станува збор за операции, кои треба да се извршат после две недели или еден месец, затоа што комплетната крв и еритроците може да стојат најмногу еден месец на фрижидерска температура и на денот на дарување да се прими сопствената крв. Крв за себе може да се дарува месец дена пред операција и во градовите каде има служба за трансфузиона медицина, рече д-р Благоевска.

Според неа, кога ова би заживеало, кога докторите, ортопеди, анестезиолози, хирурзи би го промовирале и тогаш би можело на македонско ниво од тие до 55.000 единици на годишно ниво кои ги собираат, да соберат 5.000. Информира дека во земјите каде е развиена оваа програма, меѓу кои е и Словенија, до 10 отсто од вкупните потреби на државата може да го соберат преку автологно дарување. При ова дарување секој, знаејќи од што бил или не бил болен, е сигурен дека кога е неопходно ќе си ја прими сопствената крв.

– Значи нема создавање антитела како од туѓа крв, нема пренос на некакви инфективни агенси, нема сензибилизација за жените…За тоа дарување дури и не важат оние граници кои важат за лицата на возраст меѓу 17, 18 и 65 години. Ние сме имале девојче од 10 години со ретка крвна група АБ негативно кое даруваше крв за себе. Претходно беше сензибилизирано заради примање несоодветна крв, а требаше повторно да му се изврши операција на колк поради вродено исчашување. Даде крв за себе и си ја прими сопствената крв, а за тоа имавме и согласност од родителите. Кога станува збор за постари лица на возраст над 65 години тие не треба да имаат склероза, рече д-р Благоевска.

Потенцира дека на годишно ниво само до 50 лица во Македонија даруваат крв сами за себе, а може да бидат 2.500 до 5.000. При секое дарување крв, појасни, дарителот мора да го пополни прашалникот, затоа што здравствената состојба се менува. Секоја единица во Институтот за трансфузиона медицина ја контролираат за четири инфективни агенси кои се предвидени со законот, а тоа се хепатитис Б, Ц, сифилис и Сида, кои се определени заради емидемиолошката ситуација.

Во врска со вoобичаеното дарување крв таа појасни дека од главната ќеса во која се зема крв прават неколку компоненти, а од плазмата прават крио и тромбоцити.

– Фактички еден човек може да спаси четири лица. Кога плазмата би се извезувала и би се дала на некоја фармацевтска компанија би можело од неа да се добијат 20 продукти кои Македонија сега ги увезува. Во моментот правиме четири продукти, еритроцитите можеме да ги измиеме, да ги филтрираме за одредени пациенти кои имаат претходни алергиски реакции, на кои им се зголемува температурата од даруваната крв, кои често примаат крв, меѓу кои и децата, вродените хемолитични анемии, карциномите, тешките пациенти. За тие пациенти даваме филтрирана крв, рече д-р Благоевска.

Посочи дека за лицата кои имаат ниски тромбоцити и кои крварат им се даваат тромбоцити – посебен продукт, кој освен Скопје го произведува Штип и Битола. Најчесто тромбоцити, нагласи таа, примаат кардиохирушките, хематолошките, онколошките пациенти, коскено мозочните трансплантирани…

Покрај сето ова на Институтот за трансфузиона медицина може да се дарува крв и на машина, процедура која, како што информираа таа, трае еден час и повеќе, при што може да се издвои само една компонента, тромбоцити, матични клетки…, а останатата собрана количина да се врати.

Крв, освен на организирани крводарителски акции, може да се дарува и во Институтот за трансфузиона медицина во Скопје секој работен ден од 8 до 19 часот, а сабота од 8 до 14 часот. Тие кои ќе даруваат крв во Институтот, имаат бесплатен паркинг во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Крв може да се дарува и во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје.(МИА)

 

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.