МЗ и ја одзеде дозволата за работа на приватната болница Санте Плус!
Министерството за здравство денеска и ја одзеде дозволата за работа на приватната болница Санте Плус каде почина родилката од Кичево за време на царски рез. Како што пишува во соопштението на министерството испратено попладнево, решението е донесено по вонредниот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој констатирал неправилности во работата на болницата во однос на кадар и опрема. Од министерството велат дека нема да го коментираат обдукцискиот наод бидејќи е предаден во Основното јавно обвинителство кое отвори истрага за случајот.
Инаку, неофицијално родилката починала од задушување бидејќи за време на анестезијата тубусот наместо во душникот и бил поставен во хранопроводникот. Анестезиологот од КАРИЛ кој бил на породувањето веќе доби отказ од работа.