Здравствен дом Скопје ќе добие и нов кадар и нови возила за ИМП
Огромен број доктори и медицински сестри изминатиот период ја напуштија службата за Итна медицинска помош, а има и сериозно намален број возила. Ги преземаме сите чекори за да го зајакнеме системот гледано од сите аспекти. Заврши набавката, потпишани се договорите и ги очекуваме новите возила на Итната медицинска помош од кои најголемиот број ќе бидат за Здравствениот дом Скопје.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека системот е компромитиран заради повеќе фактори, прво заради опремата, понатаму заради кадарот, но и заради организацијата.
Посочи дека се распишуваат конкурси за прием на кадар во Здравствен дом Скопје, сега за 40 здравствени работници и дополнително 40 доктори, поради тоа што тие најмногу недостигаат.
– Работиме на сите нивоа од сите аспекти, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата на која потпиша Меморандум за соработка со израелскиот амбасадор Дан Оријан и со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Депотовски, за зајакнување на здравствениот систем.
Додаде дека целта е докторите и сестрите да даваат Итна медицинска помош на начин тоа да го направат целосно, а истовремено ќе имаат комуникација со здравствените установи на повисоко ниво за евентуална консултација.