Загадениот воздух убива повеќе од пушењето

Убиец број еден!

Загадувањето на воздухот убива околу 8,8 милиони луѓе годишно, речиси двојно од бројката со којашто досега се калкулирање. Со ова загадениот воздух е на врвот од неславната листа на најголеми причинители на смрт, како убиец број еден, поголем дури и од пушењето.

Овој вознемирувачки наод произлезе од истражувањето спроведено од научниот тим под водство на Џос Леливелд од Институтот за хемија Макс Планк. Истражувањето беше објавено оваа недела во научното списание European Heart Journal.

За да дојдат до овие наоди, истражувачите го ставиле под лупа моделирањето на стапката на смртност во Европа во текот на 2015 година и откриле дека бројот на смртни случаи каде главен кривец било загадувањето на амбиентниот воздух, настанато при согорувањето на гориво и набиомаса, од индустријата и од земјоделството, бил значително потценет.

Загадувањето на воздухот се дефинира како присуство на фини честички во атмосферата. Веќе е познато дека постојаната, “хронична” изложеност на одредени нивоа на загаден воздух ја нарушува васкуларната функција, што доведува до срцева болест, срцева слабост, хипертензија и мозочен удар.

Со преглед на статистичките податоци за Европа, Леливелд заклучил дека загадувањето на воздухот во текот на 2015 година предизвикало 790 000 смртни случаи, од кои 659 000 биле во 28 земји-членки на Европската унија. Со екстраполација на овие бројки за остатокот од светот, истражувачите дошле до вкупниот број на смртни случаи предизвикани од загадениот воздух во една година во светки рамки. А бројката е огромна, цели 8,8 милиони, што е двојно од претходната проценка којашто изнесува 4,5 милиони смртни случаи.

Како што вели коавторот на трудот, Томас Мунзел, “ова значи дека загадувањето на воздухот годишно предизвикува повеќе смртни случаи од пушењето тутун, навика којашто според Светската здравствена организација е одговорна за дополнителни 7,2 милиони смртни случаи во 2015 година. Пушењето може да се избегне, но загадeниот воздухот не.

Истражувачите проценуваат дека секој од смртните случаи поврзан со загадувањето претставува намалување на очекуваното траење на животот од околу две години. Во светски рамки, загадувањето на воздухот “се терети” за 120 дополнителни смртни случаи на 100 000 луѓе.

Истражувачите додаваат дека голем број, дури и повеќето, смртни случаи каде главен причинител е загадувањето, може да се избегнат со намалување на количеството на честички присутни во атмосферата.

Најдобриот начин за ова да се постигне, како што тие посочуваат, е очигледен. – “Бидејќи повеќето од честичките и другите загадувачи на воздухот во Европа потекнуваат од согорувањето фосилни горива, потребно е итно да се префрлиме на други извори за генерирање на енергија“, вели Леливелд. “Користењето на чиста, обновлива енергија, не значи само исполнување на Парискиот договор за ублажување на ефектите од климатските промени, на овој начин исто така можеме да ја намалиме до 55% стапката на смртност поврзана со загадениот воздух во Европа“.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.