Вработените од скопските клиники го прекинаа протестот – Од средбата со Заев ќе зависи што понатаму!
Вработените од скопските клиники ги прекинаа протестите. Од средбата со премиерот Заев која треба да се одржи за десет дена ќе одлучат какви следни чекори ќе преземат. Зголемувањето на платите на здравствените работници кое инсистираат да биде исто за сите профили е нивното главно барање на преговарачката маса со здравствените власти. За паркингот што беше повод за протестирање добиле ветување дека ќе биде вратен во владение на Клинички.
-Тие коефициенти за 2019 не се еднакво распределени, незнам, може ќе бидат 15 а може и 5 проценти за сите, ќе видиме..Најголем револт е што процентите се селектирани, вели Горан Беговиќ претседател на Синдикат на Клинички
-Барањето е за сите вработени да биде еднакво зголемувањето, а не селективно, бидејќи со селективно покачување ќе се направи раздор меѓу вработените, изјави Ивица Апостолов, лаборант во Клиничка Биохемија.
Премиерот потврди дека на 24ти или 25ти ќе има средба со Синдикатот на Клинички и со министерот Филипче на која, како што рече ќе разговараат за сите болни прашања што ги мачат здравствените работници и во рамките на можностите ќе бараат решенија. Но и од досегашите зголемувања на платите Заев вели дека има напредок.
Медицинскиот кадар од скопските клиники четири дена протестираа за време на паузата, револтирани од одлуката на Град Скопје за двојно зголемување на цената за паркирање. Скопскиот градоначалник изјави дека такво решение донеле за да исправат неправда, односно, за изедначување на цената за сите паркинг зони во градот. Шилегов вели нема да има проблем доколку Клинички сака да стопанисува со паркингот.