Воспалението на белите дробови до 2030 година би можело да усмрти околу 11 милиони деца

Од воспаление на белите дробови до 2030 година може да починат речиси 11 милиони деца помлади од пет години, предупредуваат експертите во пресрет на одбележувањето на светскиот ден посветен на борбата против пневмонија.

Од 10,8 милиони смртни случаеви, дури 1,7 милион, според податоците на американскиот Универзитет „Џон Хопкингс“ и невладината организација „Спаси ги децата“, би се случиле само во две земји – Нигерија и Индија. Во Пакистан би можеле да починат околу 700.000 деца, а во ДР Конго околу 63.000.

Според податоците на Светската здравствена организација, пневмонијата е прва инфективна причина за морталитет меѓу децата, што предизвикува 15 отсто од вкупниот број смртни исходи меѓу децата помлади од пет години.

Најчесто пневмонијата ја предизвикуваат инфекции од бактерии, но и од вируси, а габичната пневмонија се јавува многу поретко. Мешани инфекции од бактерии и вируси може да се јават до 45 отсто од инфекциите кај децата и 15 проценти од инфекциите кај возрасните.

Бактериите се најчеста причина за пневмонија, а стрептококата се изолира во речиси 50 отсто од случаите. Бактериите најчесто стигнуваат до белите дробови со вдишување од грлото или носот, а може да се прошират и во крвта.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.