Во кавадаречката болница од денеска функционира Ургентен центар!
Ургентен центар од денеска функционира во рамки на Општата болница во Кавадарци. Станува збор за нова организациона единица при болницата. Во Ургентниот центар има приемна амбуланта за прегледи и прифаќање на итни случаи и пациенти кои ќе доаѓаат за време на дежурства, викенди и празници. Останатите редовни прегледи ќе се вршат во амбулантите преку „Мој термин”.
– Во приемната амбуланта, пациентите ќе бидат пречекани од медицински тим, доктор, сестра и болничар. Со тоа сакаме да постигнеме два момента. Како прво, пристапност на пациентите до медицинскиот персонал, утврдување на побрза дијагноза. Како второ, подобар престој за пациентите кои веќе се на некое од нашите болнички одделенија и подобри услови за работа на медицинскиот персонал во тие одделенија, за да пружаат подобра заштита, рече директорот на болницата, специјалист уролог Диме Коцев.
Во дневната болница, на одреден временски период по проценка на медицинско лице, пациенти ќе можат да примаат инфузија, по што ќе бидат задржани во болница или пуштени на домашно лекување. Коцев најави најсовремена опрема за Ургентниот центар, потребна за реанимација и интензивно лекување.
– Ќе станеме еден од најдобрите центри во Македонија, а нашата болница една од најсовремените во државата, нагласи директорот, осврнувајќи се и на други проекти на кавадаречката здравствена установа.
Се осврна на гаражниот систем на возниот парк, кој е еден од најдобрите во земјата.
– Во фаза на изработка е кровната конструкција која не била реализирана во изминатите триесет години, па пациентите на детско одделение нема повеќе да се пречекуваат со легени за собирање дождовна вода, рече Коцев и најави проширување на интерното одделение.
Проектот за компјутеризирана томографија треба да биде завршен до крајот на оваа или почетокот на следната година.
Центарот за палијативна нега на државно ниво и современи услови за болни во хронична кома, е во фаза на одобрение од Владата на Република Македонија. Директорот се заблагодари на сите вработени за нивниот ангажман при реализацијата на проектите, особено на техничката служба.