Владата со препораки за топлотниот бран

Бремените жени и лицата над 60 години од утре до следниот четврток се ослободуваат од работни обврски, одлучи Владата на денешната онлајн седница.

Поради топлотниот бран што ја зафати земјава се препорачува работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот.

На седницата, како што информира владината прес-служба, е донесена и одлука во детските градинки да не се  изнесуваат децата на отворено во период од 11 до 17 часот.

– Владата им препорачува на единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници, a со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, се вели во соопштението од Владата.

Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека од денеска до средината на следната седмица на повеќе места ќе биде активирано портокаловото ниво за опасност од високи температури. Исклучок ќе има в недела, кога, според синоптичарите, во попладневните часови ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.

Од Итната медицинска помош во Скопје во изјава за МИА потврдија дека поради топлото време деновиве имаа зголемен број на интервенции поради колапси на јавни места.

– Колабираат и помлади и повозрасни граѓани. Дневно имаме пријави за околу десетина колапси. Дали во автобус, дали на работно место… Имаме и пораст на повици од лица кои бараат совети телефонски, изјави за МИА доктор Рихад Реџепи од Итната медицинска помош.

Коментари

коментари

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.