Студија: Инфекцијата со Ковид го зголемува ризикот од згрутчување на крвта до шест месеци
Луѓето кои биле инфицирани со коронавирусот се соочувале со зголемен ризик од развој на тешки крвни згрутчувања до шест месеци по инфекцијата, дури и оние случаи што покажале благи симтоми на Ковид-19, се наведува во студијата што денеска ја објави Британскиот медицински журнал (БМЈ).
Истражувачите ги споредувале податоците за повеќе од милион луѓе во шведските национални регистри кои се заразиле со Ковид во периодот од февруари 2020 до мај 2021 година, со контролни групи од над четири милиони лица кои не биле позитивни.
Притоа откриле дека оние со Ковид имаат поголем ризик од белодробна емболија – згрутчување на крвта што ги блокира артериите во белите дробови, и тоа до шест месеци по инфекцијата.
До три месеци по инфекцијата со Ковид постои и зголемен ризик од длабока венска тромбоза – згрутчување на крвта во пределот на долнит екстремирети, стои во студијата.
По разгледувањето на голем број фактори, истражувачите откриле 33 пати поголем ризик од белодробна емболија кај оние кои имале Ковид, како и петкратно зголемување на ризикот од длабока венска тромбоза. Луѓето кои имале тешки симптоми на Ковид и оние пациентите кои веќе имале такви здравствени состојби биле изложени на поголем ризик, покажуваат резултатите од студијата.
Но, дури и луѓето кои имале благи случаи, на кои не им била потребна хоспитализација, имале зголемен ризик од белодробна емболија и длабока венска тромбоза.
Шансите за формирање згрутчување биле поголеми за време на првиот бран на пандемијата отколку во подоцнежните фази, што според научниците се должи на покриеноста со вакцини и подобрениот медицински третман на пациентите со тек на времето.
Истражувачите посочуваат дека нивните наоди значат отворен повик до лекарите за дополнителен третман за спречување на згрутчување на крвта, особено кај случаите со висок ризик.
Истовремено тие нагласуваат дека резултатите од истражувањето ја покажува важноста на вакцинацијата.
И научници од Универзитетот во Глазгов кои воопшто не биле вклучени во односното истражување се согласни за потребата од будност поради можни компликации после инфекциите со вирусот САРС-КоВ-2.