По епидемијата со морбили во Радишани, малите сипаници се проширија во Шуто Оризари и Куманово

Во периодот од 24.12 – 28.12.2018 година, регистрирани се 3 нови случаи на мали сипаници. Еден случај е поврзан со епидемијата во Радишани, дете на четиригодишна возраст, во блиска фамилијарна врска со претходно заболен случај. Другите два случаи не се епидемиолошки поврзани, дете на 2,5 годишна возраст од Куманово и жена на 32 годишна возраст од Скопје, Шуто Оризари. Сите нови случаи се  лабораториски потврдени.

Од страна на епидемиолошките служби во ЦЈЗ Скопје и ЦЈЗ Куманово се превземаат активности и мерки на терен во однос на откривање на контактите, проверка на вакциналниот статус и нивно вакцинирање согласно Правилникот и Календарот за имунизација.

Во 2018 година, заклучно со 28.12.2018 во Република Македонија се регистрирани вкупно 62 случаи на мали сипаници. Најголем број (n=29) од регистрираните случаи на мали сипаници се жители од територија на ЦЈЗ Скопје, а 25 лица се од територијата на ПЕ Дебар, 4 случаи се од Куманово, два случаи од Охрид, а по еден случај е од Тетово и Струга.

Возраста на заболените се движи од 5 месеци до 59 години, 42% од заболените се деца на возраст до 4 години, a 40% се на возраст над 30 години.

Најголем број од заболените (24) се регистрирани во јули, кога е пријавена епидемија на мали сипаници на територијата на ПЕ Дебар. Поединечни случаи се регистрирани во септември и октомври. Во текот на декември се заболени 9 лица. На неделно ниво, најголем број на заболени се регистрирани во 30-та недела (n=8), а повторно зголемување на бројот на заболени се регистрира во 50-та недела кога се регистрирани 5 заболени лица.

Од вкупниот број на случаи, 82% се лабораториски потврдени. Од 51 лабораториски потврдени случај, 84,3% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус, додека 8 лица се вакцинирани со две дози на вакцина.

Во текот на 2018 година, во РМ пријавени се три епидемии на мали сипаници:

  • Првата епидемија е регистрирана во јули месец, на територијата на ПЕ Дебар, а во епидемијата заболеа вкупно 27 лица.
  • Втората епидемија е пријавена од ЦЈЗ Скопје во ноември месец, на територијата на с. Грчец, општина Сарај, а во епидемијата се заболени само три лица.
  • Последна, трета епидемија е пријавена од ЦЈЗ Скопје во декември месец, на територијата на населба Радишани, општина Бутел. Во оваа епидемија заболени се 7 лица.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.