Пациенти со тешки болести ги одбиваат за инвалидска пензија – Невролозите категорични, лице со деменција не може да е работоспособно!
Ниту со деменција ниту, пак, со тешки последици по прележан мозочен удар пациентите можат да бидат способни за работа. Вака невролозите ги објаснуваат овие тешки дијагнози за кои граѓани и по неколку пати ги одбивале за инвалидска пензија. На неврологија речиси секој месец имаат случаи кои од Комисија ги враќаат и по неколку пати со образложение дека лекувањето не е завршено, иако болните по излив во мозокот имаат парализа на делови од телото.
– Се смета дека по една година од мозочниот удар нема продолжување на лекувањето и после тој период тоа се трајни полседици. Ние во интерес на пациентите правиме испитувања, пишуваме дека невролошкиот дефект е дефинитивен и не може да се очекува напредок во лекувањето, вели др. Иван Барбов, директор на Клиника за неврологија.
Доктор Барбов вели дека им враќаат и пациенти со деменција, иако станува збор за хронична прогресивна болест кај која може да има само влошување, но не и подобрување на состојбата.
– Самиот збор деменција кажува дека тоа е такво заболување кај кое пациентот не може да се грижи сам за себ, што значи не може да биде и работоспособен. И деменција и паркинс се хорнични прогресивни болести, подобрување нема, може да дојде до влошување на состојбата, вели Барбов.
Лекарите велат дека дополнителните прегледи се стрес за пациентите, кои и онака се со лоша здравствена состојба.
Бане Најдовски од Ајватовци кој е со деменција и други тешки болести по петти пат ќе бара инвалидска пензија. Слична е голготата и на Ацо Јовановски од Скопје на кого му е нефункционална левата страна од телото по прележан мозочен удар како и Љубомир од Куманово со тешка ортопедска болест. Сите тројца земаат туѓа нега, но од друга страна биле способни за работа.
Остана неодговорено прашањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои пациенти и со какви дијагнози добиваат инвалидска пензија.