Општите стоматолози се жалат – Добиваме 3 пати помалку пари од матичните лекари!
Државата на некои лекари им овозможува да заработат плата и до 100.000, а на стоматолозите 12.000 денари. Здружението на приватни стоматолошки установи преку отворено писмо до Премиерот, министерот за здравство и директорот на Фондот реагира на како што велат катастрофалната ситуација на стоматолозите во земјава. Бараат итна средба за решавање на нивните проблеми.
– Општите стоматолози во моментов се наоѓаат на дното на општеството со тешки егзистенционални проблеми и ризик од банкрот.
Споредено со нашите колеги од другите области на здравството, исплатените приходи за еден стоматолошки тим заостануваат два, па и три пати, се вели во дел од писмото.
Зад ова стојат околу 500 стоматолози, а од Здружението велат дека деновите потпишуваат петиција и бројот ќе се зголемува. За надминување на лошата ситуација предлагаат решенија пред се двојно да се зголеми буџетот за општа стоматологија. Се надеваат дека здравствените власти ќе имаат слух за нивните проблемни во спротивно дополнително ќе одлучат како ќе реагираат.
– Искрено се надеваме на средба, во спротивно ќе одлучиме што понатаму и кои чекори ќе ги преземеме, изјави д-р. Жарко Ѓорѓиев, претседател на Здружението на приватни стоматолошки здравствени установи.
Од министерството за здравство велат дека запознаени се со проблемите на стоматолозите, веќе оствариле неколку средби со Комората и здруженија и правеле напори за изнаоѓање на соодветни решенија.