Од сабота почнува постепено олабавување на мерките во Грција

Во рамки на постепеното олабавување на мерките во Грција што започнува в сабота, по пауза од две години, дозволени ќе бидат и училишни екскурзии, а според Министерството за образование, повеќедневните екскурзии може да се организираат од први март, но со задолжително претходно тестирање, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерката за образование на Грција Ники Керамеос одржала состанок со комисијата на епидемиолози, по што била донесена одлука еднодневните екскурзии, едукативни посети, прошетки и слично да бидат дозволени веднаш откако ќе стапи во сила министерската одлука со новите мерки, додека пак од следниот месец ќе може да се реализираат училишни патувања или посети, што вклучуваат и ноќевања, но под конкретни протоколи.

Па така, според Министерството за образование, оние кои ќе учествуваат во повеќедневните екскурзии и наставниците и ученици, без разлика дали се вакцинирани или не, ќе треба да направат брз тест 48 часа пред поаѓањето, додека за време на екскурзијата ќе треба да ги прават редовните седмични тестови (селф или рапид тестови) што се задолжителни и за време на наставата.

Дополнително, за време на екскурзиите или посетите ќе мора да се почитуваат здравствените протоколи кои важат за превозните средства, влез во музеите итн.

Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, вчера соопшти дека од сабота се укинува забраната за стоење во кафулињата и клубовите, во приватниот и јавниот сектор работата од дома се намалува од 50 на 20 отсто, спортските натпревари ќе се одржуваат со публика од 50 отсто од капацитетот, наместо десет како што беше досега, а по пауза од две години дозволено е организирање училишни екскурзии.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.