Од недела до 10 јануари задолжителен ПЦР или рапид тест за влез во Грција

Негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар, од недела се задолжителни за влез во Грција, независно дали патниците се вакцинирани или не или дали прележале Ковид-19, а мерката важи за сите посетители, меѓу кои и оние од Северна Македонија, согласно министерската одлука што ќе биде во сила до 10 јануари 2022 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Дополнително, невакцинираните и оние кои не прележале, а пристигнуваат од  16 конкретни земји, меѓу кои и Северна Македонија, задолжително ќе бидат тестирани при влезот во Грција, нешто што веќе извесен период се применува.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“, денеска беше објавена во Службен весник на Грција, стапува во сила во недела во шест часот наутро, ќе важи до 10 јануари 2022 година, а МИА детално ги пренесува сите правила за патување кај јужниот сосед.

Промените веќе беа најавени како од Министерството за здравство на Грција, така и од владиниот портпарол Јанис Иконому, а согласно одлуката „сите патници кон Грција, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата, без разлика на вакцинацијата или прележана болест, мора да бидат тестирани негативно“ со ПЦР во последните 72 часа пред нивното пристигнување во земјата или „алтернативно да се тестираат негативно со употреба на брз антиген тест во рок од 24 часа пред нивното пристигнување во земјата“.

Тестирањето треба да биде во одобрена, од државата на потекло, приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.

За патниците „независно од државјанството и начинот на влез во земјата, а кои во Грција пристигнуваат од Египет, Албанија, Аргентина, Северна Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција“, предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР/ рапид тест на влезните точки во земјата.

Исклучок од оваа мерка се вакцинираните кои имаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена и оние кои прележале Ковид-19 и имаат потврда што важи 30 дена по првиот позитивен резултат и до 90 дена подоцна,

Во однос на потврдите за прележана болест и промените воведени минатата седмица, согласно одлуката, оние кои се издадени од 15 јули 2021 година до 31 октомври 2021 година важат до 31 јануари 2022 година.

Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), што треба да биде пополнет преку интернет страницата  https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.

Тестирањата, за вакцинираните и за оние кои прележале Ковид-19 се по случаен избор, а за останатите се задолжителни.

Во случај на позитивен резултат, предвиден е десетдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи, а доколку се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена.

На последниот ден од карантинот, оние кои биле позитивни, без разлика дали се вакцинирани или не, потребно е да направат ПЦР тест.

Лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи, односно блиските контакти на оние кои се позитивни на Ковид-19, имаат можност да се вратат во нивната земја истиот или следниот ден, под услов да добијат два негативни резултати од два теста (ПЦР или рапид) направени во рок од 24 часа и за време на патувањето да носат N95 маска.

Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или немаат прележано Ковид-19 во изминатите три месеци, тогаш треба да бидат во 14-дневна изолација по последниот контакт со позитивното лице, без да се тестираат или седум дена карантин и на седмиот ден да направат ПЦР тест.

Доколку блиските контакти се вакцинирани или прележале Ковид-19 во последните 90 дена, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат со ПЦР тест при влезот во земјата.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, а од Турција преку Кастањес и Кипи, дозволен е влез на 1.500 лица седмично.

Од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.

Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата.

Одлуката за задолжителен тест за влез во Грција, во средата ја соопшти Министерството за здравство, наведувајќи дека ПЦР тестот треба да биде направен 48 часа пред патувањето, вчера напладне портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, рече дека тестот е валиден 72 часа пред пристигнувањето, а министерка за здравство на Грција Мина Гага вчера попладне објасни дека се воведува и можноста со рапид тест.

Иконому на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина појасни дека станува збор за вонредна и привремена мерка за празничниот период за да се спречи ширењето на Омикрон.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.