Од 259 заболени со морбили во државата, 50 се бебиња под 12 месечна возраст

Во текот на 6-тата недела, од 09.02.2019 до 15.02.2019 пријавени се вкупно 71 случај, од нив 65 случаи во Скопје и шест случаи од Струмица (1) и Тетово (5).

Од почетокот на епидемијата во Скопје, заклучно со 15.02.2019, регистрирани се вкупно 259 случаи на мали сипаници.

Епидемијата ги зафаќа сите општини на територијата на град Скопје.

Возраста на заболените се движи од 1 месец до 51 година. Од вкупниот број на заболени, 148 (57,1%) се на возраст до 4 години, а 66 лица (25,5%) на возраст над 30 години.

Според вакциналниот статус, 193 или 74,5% од заболени лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 50 се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација

Од вкупниот број на заболени, 164 лица односно 63,3% се лабораториски потврдени.

Во текот на 6-тата недела регистрирани се три смртни случаи асоцирани со мали сипаници кај деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, невакцинирани со МРП вакцина. Сите три деца се починати од бронхопнеумонија како компликација на заболувањето со мали сипаници

Во однос на спроведените засилени активности за вакцинација со МРП вакцина, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица во РМ изнесува 9.779, од кои 6.740 лица се на територијата на град Скопје.

Остануваат на сила претходно препорачаните мерки и активности кои ги превземаат Центрите за jавно здравје, Институтот за jавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните тимови во пунктовите за вакцинација.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.