Независниот синдикат на здравствени работници најавува голем протест пред Влада на 2 декември
Покачување на платите за 30 отсто е главното барање на членовите на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР) кои денеска протестираа пред Министерството за здравство. Најавија протест пред Владата на 2 декември доколку во меѓувреме не бидат повикани на средба во Министерството за здравство.
Националниот координатор на Независниот синдикат на здравствени работници, Боби Бојчевски, истакна дека бараат и менување на Колективниот договор, покачување на ефективниот додаток, како и воведување на бенифициран стаж за вработените.
„Се собравме тука за да се слушне гласот на здравствените работници, административно – техничкиот персонал и техничкиот персонал за поголема плата од 30 отсто, за менување на Колективниот договор, за покачување на ефективниот додаток, за бенифициран стаж за вработените – радиолошки технолози, радиолози, вработени во рендген институтите, докторите и медицинските сестри“, изјави Бојчевски.
Тој додаде дека бараат и бенифициран стаж за вработените во психијатриските болници, како и итна трансформација на сите вработени со договор на дело во здравствените институции на Здравствен дом Скопје и клиничките центри на цела територија на државата со цел да се задржат младите луѓе во државата.
И покрај тоа што денеска имавме опструкции од Клинички центар, од Синдикатот на клинички центар и од Државниот синдикат, ние сепак продолжуваме со протестите, додаде Бојчевски.
На протестот појаснија дека на клинички центар има медицински кадар, медицински сестри, техничари, административен кадар и лаборанти кои повеќе од девет години работат со договор на дело.
На протестот беше истакнато дека од петти октомври не се повикани на средба во Министерството за здравство и доколку не ги повикаат и во наредниот период, најавуваат протест за на втори декември пред Владата.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.