Медицински сестри кои останале без работа поради затворање на ординациите на матичните лекари бараат враќање во јавното здравство

Медицинската сестра Јагода Младеновска од Куманово седум месеци е без работа. Матичниот доктор кај кого работела заминал во пензија и ординацијата била затворена. Таа има уште 10 години до пензионирање, но неможе да се врати во јавното здравство зошто времената мерка во законот за здравствена заштита важеше само од 2015 до септември 2017 година.

-Се приватизиравме во септември 2006 година и моравме да потпишеме договори со докторот во амбулантата дека остануваме со него да работиме. Оттогаш како да не исфрлија од јавното здравство и никој не праша дали ни е добро и не не заштити, изјави Јагода Младеновска, медицинска сестра од Куманово.

Слична судбина како Јагода имаат уште 40-тина нејзини колешки. Работеле за минимална плата од 10 до 15.000 денари, а сега се и без тие пари поради затворање на ординациите на матичните лекари или пак биле прогласени за технолошки вишок од докторите.

– Имаше замена и дотогаш работевме. Потоа докторот замина на специјализација, а јас останав да работам до 11 септември, потоа користев одмор, а од 12 октомври сум технолошки вишок не по моја вина. До пензионирање имам уште шест години. Што понатаму праша Јордана Петровска, медицинска сестра од Битола

-Докторот на мое место ја прими неговата ќерка, изјави Валентина Ѓошевска, медицинска сестра од Свети Николе.

Реакцијата на овие медицински сестри и барањето да се вратат во јавното здравство доаѓа во период кога речиси сите здравствени установи се жалат дека имаат недостиг од ваков кадар.

-Прашувам дали во Македонија има друга таква професија на професионалци каде секој ден остануваат луѓето без работа, како што се нашите сестри од концесионерството. Нема ден да не ни се јават од кој било град дека се останати без работа, изјави Гордана Бешлиовска, претседател на здружението на медицински сестри “За нас”.

Од министерството за здравство одговорија дека подготвуваат законски измени со кои медицинските сестри кои ќе останат без работа да бидат преземени во јавни здравствени установи.

-Овие законски измени ќе влезат во процедура во текот на следната недела. Во моментов се извршуваат пошироки консултации со сите релевантни чинители кои се засегнати од законските одредби.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.