Малта ќе биде новото прибежиште за младите лекари од Македонија – Кој ќе лекува во македонските болници?
Новиот закон за здравствена заштита нема да го реши проблемот со одливот на младите доктори од државата, реагираат еснафските здруженија.
Во законските измени кои чекаат собраниско одобрување останува дискреционото право на Комисијата во болницата или клиниката да прими лекар кој е последно рангиран, а без можност за вработување да бидат првите на листата која е креирана со вреднување на успехот од студии и резултати од тестирање.
Од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари се разочарани што останува оваа одредба и велат дека партиските војници не треба да ги наградуваат на овој начин.
-Се работи за преголема политичка привилегија и не сакаат да се откажат од тоа. Но, партиски војници не смеат да се наградуваат на ваков начин, во администрација да, но не и во медицина, тоа чини смрт, вели Ненад Лазаров од АСМЛ за Сител.
Лазаров вели дека со години се сведоци на наместени конкурси за вработување во болници, а од здравствените власи им било кажано дека тоа дискреционо право на Комисијата ќе биде одземено. Но ветувањето паднало во вода.
-Квалитетните доктори одат во Германија, Хрватска, наскоро Косово, од догодина и Малта. Ова е сериозна потврда дека ништо не се прави и затоа единствено што им останува на младите колеги е што побрзо да се чекираат и да заминат во странство, вели Лазаров.
Од Асоцијацијата предложиле човечкиот фактор да биде сведен на минимум при конкурсите за вработување, а Комисија да одлучува само доколку има кандидати со исти бодови.
Пред неколку месеци имаше остри реакции и обвинувања за непотизам во неколку болници во земјата кога на работа тргнаа лекари кои беа последни на ранг листите.