Лекарската фела незадоволна од зголемувањето на платите во здравството
Извршниот одбор (ИО) на Лекарската комора на Македонија (ЛКМ) смета дека направеното зголемување на платите во јавното здравство е парцијално и предизвикува непотребни поделби и конфронтации кај колегите. Бара да се корегира процентот на зголемување на платите на докторите со кое смета дека треба да бидат опфатени и матичните лекари.
Од ИО на ЛКМ денеска соопштија дека се незадоволни од договорот за определување на најниската плата во јавниот здравствен сектор потпишана од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Министерството за здравство со која вредноста на бодот се зголемува за 5 отсто.
Во реакцијата по потпишувањето, ИО на ЛКМ наведува дека висината на зголемувањето на бодот е повеќе од скромна и не е во согласност со висината на зголемувањето за кои разговарале синдикатите (Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Синдикатот на клинички центар и…) и Лекарската комора.
– Имајќи го предвид ваквото непочитување на договореното околу зголемувањето на платите во здравството кое во разговорите беше определено на околу 15 отсто за 2018 година, Извршниот одбор смета дека синдикатите и нивните органи и тела во најкус можен рок треба да вложат напори и да се корегира процентот на зголемување на платите на докторите, а во спротивно тие треба да поднесат морална одговорност, се вели во соопштението.
Со корекцијата, како што смета ИО на ЛКМ, треба да бидат опфатени матичните лекари, а покачувањата мора да бидат сеопфатни и да се однесуваат на здравствениот систем во целина.