ФЗОМ со прекраток рок ги уценува лекарите и фармацевтите да набават токени за да потпишат договори!
Стоматолошката, фармацевтската и лекарската комора реагираат на условувањето од Фондот за здравство до сабота сите матични и фармацевти да набават дигитален сертификат за да можат да склучат нови шест месечни договори за да добиваат пари од државната каса. Околу 4000 лекари и фармацевти се револтирани поради прекраткиот рок за набавка на таканаречени токени како замена на електронските картички за пријавување и одјавување на пациенти, потпишување фактури, барања и други услуги од ФЗОМ.
-Сметаме дека рокот кој се наметнува е апсолутно неприфатлив бидејќи за набавката, инсталација и активација на сертификатот е потребно време кое со ваков рок е прекратко за сите приватни здравствени установи, се вели во заедничката реакција на трите комори.
Дополнителен проблем според ЗПЛРМ е и недостигот на вакви уреди во Македонија.
-Колеги од Неготино и други градови затвораат ординации и одат во Скопје за да набават Токени, но дистрибутерите немале и не биле подготвени да одговорат на побарувачката, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.
Од Фондот за здравство не добивме одговор зошто мора фармацевтите и лекарите до сабота да ги исполнат овие технички услови.
Неофицијално под притисок на коморите попладнево ФЗОМ го продолжил рокот за набавка и инсталирање на дигитален сертификат до 20 декември.