Директорот на домот “25 мај” поднесе оставка од морални причини поради случајот со 13-годишното девојче кое абортирало!
Оставка од морални причини поднесе директорот на домот “25 мај“по обелоденувањето на скандалот дека 13 годишно девојче штитеничка на државата абортирало и било сексуално злоставувано. Пет дена откако јавноста дозна за овој немил настан труд и социјала не најде вина кај социјалниот работник кој од ноемри 2017 бил старател на малолетничката. Од министерството преку соопшение информираа дека старателот за однесувањето на девојчето и нејзиното често исчезнување неколку пати ги информирал надлежните институции. Сеуште истражуваат дали има пропусти кај претходниот социјален работник кој бил задолжен за детето. Од МТСП откако во петокот изразија сомневање дека девојчето е жртва на сексуална експлоатација топката ја префрлија кај полицијата и обвинителството.
– Очекуваме МВР и ОЈО да преземат мерки согласно со нивната надлежност, со цел да се пронајдат и санкционираат лицата коишто ја злоупотребувале малолетната жртва, се вели во соопштението од МТСП.
Од МВР во петокот информираа дека девојчето дури 9 пати било пријавувано за исчезнато од социјалните служби и во сите случаи полицијата соодветно постапувала со пријави до обвинителството.
Од обвинителството не добивме одговор дали постапувале и водат ли истрага за пријавите за сексуално злоставување на девојчето.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ и денеска побара одговорност од сите државни институции инволвирани во случајот и оставка од министерката за труд и социјала.
– Министерката Царовска и сите институции кои направиле пропуст во делувањето и не му пружиле заштита на злоставуваното девојче мора да сносат морална и кривична одговорност. Царовска не смее да се затскрива зад директорот на Домот и мора да преземе одговорност, изјави Јована Мирческа од ВМРО ДПМНЕ.
Скандалозниот случај за девојчето од домот 25 мај го обелодени невладината организација Европски центар за правата на ромите од Будимпешта. Тие за злоставувањето на малолетничката уште пред 6 месеци поднеле кривична пријава во обвинителство против институциите и лицата кои требало да се грижат за неа.