Д-р Александар Јовановски: За колективен имунитет потребно е да се вакцинираат 93-95% од вкупната популација

Зошто морбили-вирусот е толку опасен?

За да се постигне колективен имунитет кој ќе го штити населението од морбили, потребно е процентот на имунизирани лица да биде 93-95% од вкупната популација, вели д-р Александар Јовановски, првенец на генерација на Медицинскиот факултет во Скопје, денес на докторски студии на Програмата за експериментална медицина и терапија на Универзитетот во Торино, Италија.

Морбилите, меѓу народот попознати како ситна сипаница, не ја одминаа Македонија, ниту многу земји во светот. Нашата земја сè уште е во фаза на епидемија. Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, од 1 до 6 јуни се пријавени 87 нови случаи на морбили. Од почетокот на епидемијата лани во декември, на територијата на нашата земја се регистрирани вкупно 1.821 пациент, со стапка на заболување од 88 на 100.000 жители.
д-р Александар Јовановски

Што значи вакцинација на населението, што спречува, зошто е толку зголемен процентот на луѓе што одбиваат да ги вакцинираат децата? Јовановски вели дека поимот вакцинација не е само процес, превентивна мерка која има удел во здравјето на поединецот, туку е одговорност, општествена свесност и грижа за здравјето на заедницата.
– Во епидемиологијата постои поим „колективен имунитет“ или имунитет на заедницата. Кога најголем процент од популацијата се имуни на одреден патоген, се формира индиректна заштита и е оневозможено ширењето на инфективната болест во таа популација. Колективниот имунитет наједноставно се стекнува со имунизација на населението, односно вакцинација – вели тој.

 

Зошто морбили-вирусот е толку опасен?

Тој објаснува дека морбилите се високо заразна вирусна инфективна болест предизвикана од морбили-вирусот. Болеста најчесто се пренесува преку аеро-капков пат – се дисперзира во околината кога заболениот кива и кашла и/или преку допир со неговиот назален секрет и плунка. И покрај тоа што се манифестира со кожен исип, како сипаница, примарно претставува болест на респираторниот систем. Кожниот исип е само еден дел од целокупната клиничка слика што ја карактеризира оваа болест.

– Човекот е природен домаќин на овој вирус, а болеста најчесто се јавува кај малите деца. Периодот на инкубација е 10-14 дена во најголем број од случаите, а првите симптоми се неспецифични и вклучуваат треска и покачена телесна температура, проследени со кашлица и кивавица, печење и солзење на очите и течење на носот – објаснува Јовановски.
Во оваа фаза од болеста кај некои пациенти можно е формирање на бели налепи на усната слузокожа, познати како „Копликеови петна“ и се специфични за морбили-инфекцијата. Важно е да се напомене дека веќе во оваа фаза болниот ја пренесува инфекцијата. Кожниот исип се јавува најчесто 2-4 дена по катаралните симптоми и неговото појавување трае 5-6 дена. Првите 3-4 дена од активното појавување на исипот пациентите исто така се инфективни.

– Од јавно-здравствен аспект е многу важно да се објасни што значи тоа „високо контагиозна инфективна болест“. Тоа значи дека 90-93% од луѓето што не се имуни, а дошле во контакт со заболено лице од морбили, ќе ја добијат инфекцијата. Навистина зборуваме за една од најконтагиозните инфекции – објаснува Јовановски.

Факултети.мк 

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.